Вистинскиот Џејмс Бонд пушел цигари со име Македонија – смеса на Македонски тутун


Повеќето од оние кои што некогаш слушнале за најпознатиот таен агент во светот Џејмс Бонд, веројатно знаат дека тој поседува дозвола за убивање, постојано е опкружен со убави жени и обожава да пие вотка мартини.

sean-connery

Сепак за нас Македонците многу поинтересна е една друга, не толку позната негова навика. Во романите за овој таен агент, повеќе пати, е спомнато дека Бонд е и страстен пушач, и тоа не на било какви, туку на рачно изработени цигари со специјална македонска смеса на тутун.

На почетокот од „Мунрејкер“, третиот по ред роман за агентот 007 кој што има и филмска верзија со Роџер Мур во главната улога, цигарите кои што ги пуши Џејмс Бонд се детално опишани:

„Бонд ја извади својата црна бронзена кутија за цигари и својата црна оксидирана Ронсон запалка и ги стави на полицата покрај него. Тој запали цигара, една од оние со македонска смеса тутун, со три златни прстени на крајот, кои што Морландс од улицата Гросвенор ги произведуваше за него…“

foto – Лого на специјализираната продавница Морландс

morlands1Ваквите цигари се екстра јаки, со повисока количина на никотин од обичните и немаат филтер. Македонската смеса за цигарите се состоела од турски и балкански тутун, од кои последниот веројатно бил произведуван во Македонија по што и смесата го добива називот. Во металната кутија на Џејмс Бонд собирало вкупно 50 од овие цигари.

Дека тој пуши цигари произведени од Морландс е спомнато и во воопшто првиот роман од серијалот за него „Казино Ројал“, а според романот „Тандербол“ од 1961 година, навиката да пуши цигари Бонд ја стекнал во своите тинејџерски години.

И самиот креатор на агентот 007, писателот Иан Флеминг, уште од триесетите години на минатиот век пушел исти такви рачно изработени цигари, кои што исто како Џејмс Бонд, ги набавувал од Морландс, специјализирана продавница за тутун од улицата Гросвенор број 83, во Лондон.

ian fleming smoking

Трите златни прстени на цигарите биле поставени за време на Втората светска војна за да корелираат со командантскиот чин на Флеминг, чин кој што го има и неговата креација Џејмс Бонд.

Иан Флеминг пушел и до 80 цигари на ден, што се смета дека е главна причина за неговата смрт. Сепак случајот со Џејмс Бонд е малку поинаков, па така навиката да пуши нему дури и му го спасува животот. Во романот „Од Русија со љубов“ единствена пречка на патот на куршумот наменет да заврши во неговото срце е металната кутија со цигари и една книга.

Во филмските верзии со Шон Конери во главната улога, иако Бонд пуши цигари, тоа не е ни приближно колку што е опишано во романите на Иан Флеминг. Традицијата на пушење цигари ја продолжува и Џејмс Бонд на Џорџ Лејзенби, како и оној толкуван од актерот Тимоти Далтон.

foto – Локацијата каде што сега непостоечката продавница се наоѓала, на аголот помеѓу улиците Гросвенор и Њу Бонд, во Лондон

morlands2Со преземањето на главната улога од страна на Роџер Мур, наместо цигари, Џејмс Бонд започнува да пуши пури. Мур дури и во својот договор со продуцентите издејствувал да биде вметната посебна клаузула со која што би му се овозможила бесплатна достава на пури за време на снимањето.

Во времето кога Иан Флеминг ги пишувал романите за Џејмс Бонд пушењето било сметано за џентлменска навика, но денес, кога штетното влијание на цигарите е докажано, ситуацијата е многу поразлична. Па така Бонд интерпретиран од Даниел Крејг, како и од Пирс Броснан претходно, воопшто и не пуши. За оваа одлука на продуцентите, самиот Крејг има изјавено: „Можам да разнесам нечија глава, но не смеам да запалам добра пура.“

Aвтор – Александар Стеванов

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1