Лажните вести се современо оружје за уништување на поединецот и општествените вредности, нивното детектирање е потреба на модерното време, се наведува во соопштението на Владата.
Владата во соработка со Македонскиот институт за медиуми (МИМ), со поддршка на Делегацијата на Европската Унија (ЕУ), денеска, во Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ организираа дебата со наслов „Воведување на медиумската писменост во образованието“, на која учествуваа голем број ученици, професори, претставници на граѓански организации и експерти од оваа област.
Говорејќи за суштинското значење на медиумската писменост и медиумската култура, министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски подвлече дека употребата на модерните, социјални медиуми, интернетот, кои денеска се одлика на секој млад човек го отвора прашањето за тоа како информациите се прифаќаат од оние кои ги примаат и дали тие се проверуваат.
Притоа, министерот Поповски образложи податоци според кои од 86 проценти од домаќинствата кои користат интернет, а од нив 73 проценти се изјасниле дека тоа го прават секојдневно, 83 проценти од популацијата која користи интернет не ги проверува фактите кои ги прочитале.
„Тоа го отвора прашањето да најдеме начин, на граѓаните да им помогнеме, да ги информираме, дека треба да ги детектираат дезинформациите и лажните вести со кои секојдневно се бомбардирани“, рече министерот Поповски.
Тој, подвлече дека од една страна интернетот носи брза комуникација, отвореност и пристапност, заштита на слобода на изразување и на сите човекови права, но од друга страна интернетот може да значи радикализам, национализам, говор на омраза и напад на секоја единка и целото општество.
„Лажните вести се оценуваат како современо оружје на масовно уништување со таргет на семејството, пријателите, заедницата и тоа претставува глобален проблем“, додаде Поповски потсетувајќи дека и денешната дискусија и вклучувањето на сите релевантни институции и чинители ќе помогне во изнаоѓање решенија и модули за зајакнување на медиумската писменост и култура не само кај младите, туку и кај постарата популација.
Министерот за образование и наука Арбeр Адеми, во своето обраќање се задржа на важноста на системот на формалното и неформалното образование и неговата структурна поставеност на генерациите кои се стекнуваат со креативни, информатички претприемачки и други вештини во текот на своето школување.
,,Владата на Република Северна Македонија се труди националниот образовен систем да биде сеопфатен и секако, постојано ажуриран, од аспект на следење и воведување на најновите глобални образовни трендови и текови на национално ниво“, подвлече министерот Адеми истакнувајќи дека фокусот е на креирањето квалитетен, механизам во рамки на образовниот систем кој медиумски ќе ги описменува учениците и ќе создава индивидуи кои уште од рана возраст ќе знаат да препознаваат лажни вести и критички ќе ги селектираат информациите препознавајќи манипулации и правејќи разлика за она што е вистинито.
Претставникот на Делегацијата на ЕУ во нашата земја, политичкиот советник Феручо Бого ја подвлече поддршката која ја дава Европската Унија по ова прашање и ја истакна важноста да се разговара за интернетот како средство за комуникација и за потребата да се информира за концептот на медиумската писменост, односно да се јакне способноста за откривање на вистинските вести притоа почитувајќи ги основните вредности на општеството.
„Mедиумската писменост заедно со писменоста како базична јазична компетенција во најопшта смисла на зборот, одат во прилог на целокупното развивање на младите личности кои се формираат во рамките на образовниот процес, рече директорот на Бирото за образование, Зекирија Хасипи осврнувајќи се на начините на кои нашиот образовен систем се справува со темите од медиумска писменост и како ги создава знаењата и вештините кај нашите ученици.
Присутните наставници, професори и средношколци покажаа голем интерес за темата и ги изнесоа своите критички размислувања за унапредување на наставните програми, учебниците и образовниот систем, сугерирајќи како да се коригираат одредени недостатоци.
Владините претставници изразија задоволство од отворената дебата констатирајќи дека јавните дискусии се организираат за да се чујат ставовите на сите инволвирани со цел да се најдат најдобрите заеднички решенија.