Владата го усвои предлогот на МНР за отповикување на почесниот конзул на Република Македонија во Кралството Шпанија, со седиште во Барселона, со образложение дека против него е поведена кривична постапка што преставува пречка за натамошно извршување на функцијата.
Македонскиот почесен конзул, Шпанецот Марио Деус во април годинава е уапсен во Кејп Таун, Јужна Африка, под сомнение за убиство на неговите тригодишни близнаци, според весникот „Ел Паис“.
Мајката ги пронашла безживотните тела на децата, додека тој наводно побегнал од вилата во Кејп Таун, според информациите на полицијата во Јужна Африка. Набргу потоа бил уапсен.
Деус е познат стоматолог, како и директор на уште една приватна компанија, кој е почесен конзул на Македонија во Барселона од декември 2012 година.