Владата ќе комуницира со граѓаните преку социјалните мрежи и преку јавниот радиодифузен сервис МРТ, а нема намера за тоа да троши буџетски пари, одговори владиниот портпарол Миле Бошњаковски на прашањето од „Мета“ дали Владата ќе плаќа реклами кога ќе комуницира со јавноста преку јавниот радиодифузен сервис МРТВ и дали планира да плаќа за продукција на рекламни спотови или објави кои ќе се пласираат како платени реклами на „Фејсбук“, „Твитер“ и на други социјални мрежи.
Бошњаковски, кој во последно време дури и пред да биде испратено официјалното соопштение за одлуките на владините седници, со видео преку „Твитер“ соопштува некои битни одлуки на седницата, вели и дека наскоро ќе се почне со одговарање на прашања од граѓаните преку социјалните мрежи.
– Секторот за односи со јавност на Владата планира во иднина да ја зголеми и двонасочната комуникација со граѓаните на социјалните медСиуми, преку интензивирано одговарање на пораки и коментари, поставување на прашања до граѓаните, отворање на дискусии и спроведување на онлајн истражувања како алатка за иницирање на вклученост на граѓаните во носење на политиките на Владата. За ваквата и за комуникација со граѓаните преку радиодифузниот сервис МРТВ, Владата нема да троши буџетски пари – вели владиниот портпарол.