Владата започнува со создавање услови за влез на трет мобилен оператор во земјава. Како што информира на денешната средба со новинарите министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, ова ќе биде и една од клучните теми на која тој ќе разговара на ГСМ Саемот што од недела започнува во Барселона, Шпанија.
– На саемот во Барселона ќе има министерска агенда во рамки на која ќе имаме средби со колеги од останатиот дел од светот на теми како да ги дигитализираме што повеќе услугите за граѓаните во областа на образованието и здравството, рече Манчевски.
Втората тема за која што ќе се разговара, а за која Македонија влегува во процес, е почеток на создавање услови за влез на трет мобилен оператор.
– Зборуваме за мрежен оператор, а не за виртуелен за што се потребни сет на мерки, напори и измени на некои подзаконски акти. Сите овие активности ќе бидат правени паралелно со напори да не ја нарушиме конкурентноста на пазарот, односно на другите два постоечки оператора во државата. Крајната цел е, подобри услуги за граѓаните со пониски цени, рече Манчевски.
Овој процес ќе трае, сега е на самиот почеток, а според најавите ќе се води централизирано од страна на ИКТ Советот. Прогнозите се дека би завршил за околу две години.
Размислувањата се, како штои посочи министерот Манчевски, на заинтересираните компании да им се понуди постоечката мрежна инфраструктура што ја има Македонија со оглед дека нови инвестиции во ваков вид дејност се исплатливи за многу долг рок од 12 години. Тоа значи, како што појасни, можност за изнајмување под одредени услови на мрежната инфрастурктура на компании како што се МЕПСО, Македониски железници и Македонска радиодифузија.
Инаку, на саемот во Барселона ќе биде искористена можноста за контакти и разговори со министри за информатички комуникации од Европа во контекст на подготовките за Дигиталниот самит на Западен Балкан чиј домаќин во април ќе биде Скопје.
Македонија во моментов е единствена земја во Европа во која има само два мрежни мобилни оператора.