Вложи 2000 евра во оригано, за нецела година заработи 3000 евра


Одгледувањето оригано е една од најисплатливите работи во моментов. Инвестицијата се враќа веќе со првата берба, односно за околу осум месеци. Секоја наредна берба, а растението може да се експлоатира седум години, е чиста добивка. Ориганото се сади наесен. При садење е доволно едно полевање, за да се зафати ориганото, потоа нема дополнителни инвестиции.

Веќе следната пролет ориганото потерува и наредните седум години има само берба. Оваа билка е многу издржлива на ниска температура. Успева на ниви со послаб квалитет и на секоја надморска височина. Доволно е нивите да се богати со калциум за да се одржува влагата. Отпорна е на болести, не бара заштитни средства и ѓубрива, нема потреба од системи за наводнување.

origano

Тоа што ја прави привлечна за производство е што во текот на годината има само 20 дена работа на нивата. Особено е атрактивна за руралните средини. Без проблем се вадат две берби, со по три тона од хектар суво оригано. Ориганото е медитеранска билка, но македонските климатски услови совршено ѝ одговараат.

– Ние предлагаме да се почне со 80.000 садници. Ориганото се сади рачно на мали површини, и машински на поголеми површини. Меѓу две садници треба да има растојание 25 сантиметри, а меѓу два реда 40 сантиметри. Садникот чини 1,25 денари и ние го произведуваме – објаснува Кујтим Хаџи-Хамза, директорот на земјоделската задруга „Тока”.

Вкупната инвестиција за еден хектар со оригано, за 80.000 садници, изнесува 2.000 евра. Од нив 1.500 евра се за садници, а 500 евра за садење и за копање. Парите се враќаат уште првата година, а носи приход од 3.000 евра од хектар. Од втората, па до седмата година годишните трошоци се најмногу 500 евра за копање и за одржување, па чистата заработка е 2.500 евра од хектар.

oriigano

– Ние за еден килограм на нашите кооперанти им плаќаме по едно евро. Со склучување договор, еден наш кооперант од еден хектар заработува и до 3.000 евра – вели Хаџи-Хамза.

Земјоделската задруга „Тока” веќе неколку години успешно работи во Турција.

– Идејата за производство на оригано почна во Турција. Таму на почетокот ние овој вид оригано (ориганум олитес) го собиравме по планините. Потоа поради големата побарувачка на светскиот пазар решивме да почнеме со негово култивирање. Почнавме со 40 хектари, за шест години успеавме да засадиме 6.000 хектари со 2.540 кооперанти. Годишно, нашата фирма извезува по 1.800 тони сува материја, а целото производство оди за Америка и за Европа – вели Хаџи-Хамза.

 

Пред четири години решил да спроведе испитувања за производство на ориганото на македонска почва. Неколкуте истражувања во различни региони и на различни почви се покажале успешни. Така Хаџи-Хамза решил бизнисот со оригано да го прошири и во Македонија. Хаџи-Хамза има цел проект за развој на овој бизнис во Македонија.

Ориганото е лековито, ароматично и зачинско растение. Поради широкиот спектар на употреба, пазарот со оригано последниве години  доживеа експанзија. Побарувачката е голема, затоа и има загарантиран пласман за неограничени количини. Од друга страна, голема поволност за земјоделците е што можат да го засадат на ниви што дотогаш не можеле да ги искористат за друга култура, особено во ридско-планинските делови. Во себе крие потенцијал за подигање големи плантажи. Ориганото особено се бара во сува форма, како зачин во кулинарството. Но, сепак, најбарано е маслото од оригано. Ориганото има широка примена во медицината и во козметиката. Оваа билка е добар седатив, антисептик, има антибактериски својства, дигестивни и многу други, кои се корисни во медицината.

 

republika.mk

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1