ВМРО-ДПМНЕ денеска го повика градоначалникот на Центар Андреј Жерновски јавно да ги соопшти фирмите и поединците кои, до него и неговите соработници, испраќале коруптивни понуди или му нуделе мито, како што рече тој во интервјуто за Радио Слободна Европа.
„Жалиме што на ваков ден сме доведени во ситуација да реагираме на наводите и изјавите кои денес излегоа во јавноста, а беа изнесени од страна на господинот Андреј Жерновски во интервју за Радио Слободна Европа.
Имено, тој кажа дека до него пристигаат, како што самиот вели, бизнис понуди од градежни фирми и поединци, што претставува еклатантен пример за мито и корупција. Тој е должен како вршител на јавна функција, но на крајот на краиштата и како граѓанин на оваа правна држава, да излезе и јавно да ги соопшти, или до надлежните институции да ги пријави, субјектите кои му нуделе мито, бидејќи во спротивно тој ќе биде соучесник и ќе се смета дека прикрива случаи на корупција и нудење на мито“, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Доколку не го стори тоа, од владеачката партија велат дека остануваат две опции.
„Првата опција е дека свесно лаже и ја манипулира јавноста, а втората опција е дека прикрива корупција или обид за корупција“, се додава во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.