ВМРО-ДПМНЕ под слоганот „Единствени“ вчера во Музејот на македонската револуционерна борба го прослави 27-миот роденден од формирање како политичка партија и 124-годишнината од основањето на историското ВМРО.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски обраќајќи се пред присутните членови и активисти на партијата, пратеници и поранешни функционери од претходната владеачка гарнитура истакна партијата била и ќе биде единствениот браник за заштита на државноста на Република Македонија.
Рече дека ВМРО-ДПМНЕ моментално е во опозиција и оти тоа е вештачки направено за да се донесе на власт партија која ќе спроведе интересите на други центри на моќ.
– Како партија сме единствени кога се поставува државниот пред личниот и партиски интерес. Единствени во непоколебливоста, истрајноста и борбата за стратешките интереси на државата и нацијата. Единствени кои независно, автономно, суверено ги носиме нашите одлуки за клучните прашања за Македонија. Единствени кои се спротивставија кога сите се плашеа. Единствени во многу одлуки кои не прават посилни и повредни и заради кои народот на слободни избори не бираше и гласаше, рече Груевски.
Народот, како што истакна, застана зад ВМРО-ДПМНЕ кога му беше најтешко и кога организирано беше нападнато од сите страни. – Остануваме заедно сплотени и единствени. Ние сме ВМРО – Демократска партија за македонско национално единство, додаде тој.
Груевски рече дека ќе дојде брзо денот кога ВМРО ќе се врати и ќе покаже зрелост и одговорност повторно да ја води Македонија кон нови успеси и кон нови подвизи. – Ќе дојде брзо времето кога народот со гордост ќе каже дека единствената опција за вас и за вашите семејства за развој и подобар живот е ВМРО, додаде тој.
Најави дека на партијата и следи внатрешна реформа во однос на повеќе прашања, со цел да се подобри во сите делови каде што се утврдиле пропусти во минатото.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека меѓудругото мора да работат и на исправање на искривената слика која, како што додаде, за нив ја креираа некои медиуми и структури пред албанците.
– Албанците може да сметаат на ВМРО-ДПМНЕ во иднина, и ако сакаат да градиме заедно заедничка држава, во која сите, и Турците, и Србите, и Ромите и Власите, Бошњаците и останатите, секогаш, секогаш ќе имаат подадена рака од нас, рече Груевски.
Груевски истакна дека како партија посакуваат и поддржуваат брз прием на Македонија во НАТО и ЕУ, но оти спречат секакви постапки кои се надвор од македонските интереси.
– Сакам да ја искористам оваа прилика и да упатам порака до раководството на СДСМ, дека за важни прашања ние ќе стоиме на располагање и може да сметаат на нас дури и во вакви услови кои ги создаваат, тоа е наша обврска кон државата, и тука не е Груевски во прашање, затоа што гледам дека некого го заслепува омразата кон мене, и не може да ја види големата слика. Посакуваме брз прием во НАТО. И доколку за тоа има чисто и недвосмислено прашање, секако ќе го поддржиме. Истото и за членството во ЕУ. И за реформите кои се од корист за сите, и зад кои нема скриени агенди за партизација на институциите. Но мора да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе направи максимум да спречи закони и постапки кои се надвор од државните интереси на Македонија, рече Груевски.
Нема да дозволиме, додаде тој, нечија чудна еуфорија и одработување на долг заради поддршка или нестручност или алчност, да ги прекрши националните интереси и да се донесат лоши решенија за државата и народот. – И тука треба да им е јасно на сите. И во тоа нема да им помогне ни СЈО ни ништо, истакна Груевски.
Нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ победи на последните избори и дека СДСМ со теренска помош на одредени структури беше донесена на власт. – Јас стојам зад нашите одлуки и сум подготвен за одговорност, ВМРО-ДПМНЕ мора да оди напред, рече Груевски.
Тој изрази благодарност до основачите на ВМРО-ДПМНЕ, до идеолозите на партијата, до првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, до првото раководство на партијата и потсети на основачите на ВМРО чија идеја, како што рече беше слободна и независна Македонија. – Ние кои го наследивме и продолживме нивното дело ја имаме одговорноста за нашето време, кон нашиот народ и кон идните поколенија и не смееме да потфрлиме во таа задача, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Нагласи дека ќе дојде брзо денот кога ВМРО ќе се врати. – Ќе покаже зрелост и одговорност повторно да ја води Македонија кон нови успеси и кон нови подвизи! Ќе дојде брзо времето кога народот со гордост ќе каже – Единствената опција за вас и вашите семејства, за развој и подобар живот е ВМРО, истакна Груевски.
Во рамки на манифестацијата на одбележување на роденденот, вчера и завчера ВМРО-ДПМНЕ одржа две панел-дискусии „Единствени кои носат инвестиции и отвoраат работни места“ и „Единствени кои реализираат проекти во инфраструктурата“.