ВМРО-ДПМНЕ останува на законски утврдениот датум за избори 24 април, дури и ако меѓународната заедница даде поинаква оценка, изјави денеска Илија Димовски на прес конференција.
– Нема ниту еден кредибилен аргумент поврзан со роковите и обврските, како и капацитетите на ДИК, кои зборуваат за тоа дека тие не се подготвени да ги спроведат изборите. ВМРО-ДПМЕ прифати се што беше ставено на маса од опозицијата, а на директен или индиректен начин во надлежност на СДСМ се и двата клучни ресора за спроведување на изборите на чело на МВР е нивниот генерален секретар, а ДИК има целосно променет состав, изјави Димовски.
Владејачката партија бара ДИК да оддржи јавна седница на која би присуствувале претставници од сите 4 политички партии за да се утврди дали постојат можности да се добијат услови за одржување избори на 24 април.
– На оваа средба која би било добро да се одвива во живо, пред камерите и пред јавноста повикуваме во дебатата да се вклучат и заинтересираните меѓународни претставници кои го следат изборниот процес во Република Македонија. Би дискутирале околу сите ингеренции, законски обврски и можности кои ги има ДИК, нејзините потреби и можноста се да биде поставено на свое место за да нема дилеми околу изборите кои треба да се одржат на 24 април 2016 година, рече Димовски.