Шпекулациите дека компанијата Оне.Вип своето седиште во Скопје наводно ќе го сели во објект во сопственост на претседателот Никола Груевски и Сашо Мијалков се груба лага и манипулација. Ниту Никола Груевски, ниту Сашо Мијалков се сопственици на посочениот објект, ниту, пак, поседуваат друг таков објект во центарот на градот, се вели во демантот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според опозициската партија, целосна невистина е и изнесената шпекулација дека наводно од позиција на власт влијаеле на одлуката на Оне.Вип да го пресели своето седиште во Скопје.
„Овој текст е уште една потврда дека Зоран Заев, СДС и медиумите под нивна контрола имаат потреба секојдневно да ја дефокусираат јавноста и да пласираат секакви манипулации, без претходно да ги проверат само за да ја покријат антидржавната политика што ја водат. Изнесените наводи во пишаниот текст кои го пренесоа порталите блиски до СДС се целосно неточни и најостро ги демантираме“, се вели во реакцијата на партијата.
Реакцијата се однесува на текст пренесен од австриски „Куриер“ кој пишува дека телеком компанијата Оне.Вип во Скопје ќе се пресели во нова централа за која постојат сомневања дека е во сопственост на Сашо Мијалков. Весникот ги истражува врските меѓу Виена и Скопје. „Ќерката на австриски Телеком во Македонија – Оне.Вип следната година треба да добие ново седиште во главниот град Скопје. Од 2009 година фирмата е сместена во бизнис-центар во центарот на Скопје, кој му припаѓа на познатото австриско градежно семејство Соравија. Австрискиот Телеком, односно Оне.Вип досега беа вносни партнери за Соравија. Имено, тие досега плаќаа кирија за просториите од 70 илјади евра месечно“, пишува Куриер.