Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ–Струга со соопштение најостро реагира на постапката на новиот градоначалник Зијадин Села, кој, како што наведуваат оттаму, од самиот старт ја покажал непринципиелноста дека би бил градоначалник за сите граѓани во општина Струга, разрешувајќи ги раководителите од редот на Македонците.
На тој начин, стои во соопштението, тој ги навредува сите оние 15.500 Македонци кои излегоа на овие избори и гласаа, а уште повеќе не ги почитува ниту оние 8.000 Македонци кои живеат во градот Струга наспроти 3.000 македонски Албанци.
Со овој свој прв потег Села дава јасна порака како ќе ја раководи општината Струга во наредниот период. Ако сакаше барем и малку да покаже европски манир и демократска широчина тогаш барем на разрешените македонски раководители да поставеше повторно македонски кадри, или кадар од друг етникум (било да е Турчин, македонски муслиман, Влав итн.). Поставувајки ВД директор на ЈП Комунално Струга од редот на Албанците и тоа негов близок сопартиец, само потврдува дека Села фактички ќе биде продолжеток на непринципиелната политика која во изминатите години ја водеше Рамиз Мерко базирана исклучиво на етничка основа, се вели во соопштението.
Овој гест на Зијадин Села, сметаат од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ–Струга, треба да го загрижи мегународниот фактор кој очигледно и не пројавува некој посебен интерес за случувањата околу бркањето на етнички Македонци од локалните институции во Струга и Кичево.
ОК на ВМРО-ДПМНЕ за ваквите дискриминаторски чекори на градоначалникот Зијадин Села ќе го информира ОБСЕ и странските амбасади во земјава, потенцирајки им дека Струга е мултиетничка средина и како таква треба да функционира, а идната локална самоуправа, мора да ги почитува сите етнички заедници кои живеат во неа.