Внимавајте кому отворате врата – лажна лекарка „оперира“ за 6.000 денари!


Млада,  девојка, со долга црна коса, која зборува со битолски акцент, така изгледа лажната лекарка што деновиве оперира низ Скопје и за надоместок од 6.000 денари ветува дека цела година ќе обезбедува бесплатни лекови. Таа под параванот на проектот „Домашна визита“ работи по своја шема. Прво во соседството испитува каде живеат постари луѓе, како се викаат и собира по уште некоја корисна информација за нив, а потоа тргнува во акција. Ѕвони на врата и на вешт начин ги убедува пензионерите дека е лекарка и дека доаѓа за да им помогне, пишува Плусинфо.

lekari03– Жената е многу вешта, убедливо зборува, навистина човек да помисли дека за 6.000 денари ќе ми обезбедува лекови за цела година. На мајка ми дури ѝ се обратила по име за да ја доведе во заблуда дека навистина ја познава и неа и фамилијата – раскажува една скопјанка.

Измамничката покажувала и документи со кои наводно докажувала дека навистина е тоа за што се претставува.

Според реакциите на нашите читатели, лажната лекарка деновиве е забележана во населбата Водно, а претходната недела била во Пржино. Информациите што се шират на социјалните мрежи говорат дека истата девојка оперирала и во населбата Автокоманда.

Иако нашата соговорничка вели дека случајот го пријавила во Министерството за здравство, со цел оваа институција да алармира до потенцијалните жртви, од Министерството велат дека проектот „Домашна визита“ го води Здравствениот дом, па најдобро е таму да се побараат повеќе информации.Од скопскиот Здравствен дом објаснуваат дека пред неколку месеци и до нив стасале неколку поплаки од пациенти.

– Нашите медицински сестри, за разлика од лажните, имаат посебни легитимации, а своите посети однапред телефонски ги закажуваат во точно определен термин. Најважно што треба да го знаат луѓето е дека овие посети се целосно бесплатни – вели Татјана Баевска Вучковиќ, директор на Здравствен дом Скопје.

Официјална поплака од оштетени досега нема до Министерството за внатрешни работи.- Апелираме до луѓето што биле жртви или имале посета од вакви лажни лекари, да ги пријават случаите кај нас за да може да ги откриеме сторителите и да спречиме ваквите настани да се повторуваат – вели Марија Јаковлевска од секторот за комуникација во МВР.

Со проектот „Домашна визита“ опфатени се хроничните болни и постарите лица, кои за одредени медицински услуги, како мерење притисок или шеќер во крвта, не мора да одат во болниците, туку медицински тимови од јавните здравствени установи ги посетуваат нивните домови и ги вршат потребните здравствени услуги.

plusinfo.mk

Share Button

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1