Возачот не смее да ја намали брзината на движењето на возилото до таа мера што неговото возило претставува пречка за нормалното одвивање на сообраќајот. Предвидена е глоба во износ од 50 евра.
На јавен пат во населено место, возачот не смее со возилото да се движи со брзина поголема од 50 километри/час, односно со брзина поголема од брзината дозволена со поставениот сообраќаен знак за целото населено место или за негов дел.
Глоба во износ од:
400 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 65 негативни бода на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема од 50 km/h над дозволената брзина. Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување на моторно возило од шест до 12 месеци.
300 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 50 негативни бода на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема од 30 до 50 km/h, над дозволената брзина. Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување на моторно возило од три до 12 месеци.
45 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бода на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема од 10 до 30 km/h над дозволената брзина.
20 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 10 негативни бода , на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема до 10 km/h над дозволената брзина.
Зголемена брзина надвор од населеното место
На јавен пат надвор од населено место, возачот не смее со возилото да се движи со брзина поголема од:
130 km/h на автопат;
110 km/h на пат резервиран за сообраќај на моторни возила и
90 km/h на други патишта.