Грчкиот весник „Катимерини“ објави став од внуката на Тито, Светлана Броз, која тврди дека нејзиниот дедо ѝ го дал името на Македонија. Пренесуваме дел од него:
„Иако мојот дедо Јосип Броз Тито ѝ го ‘дал’ името ‘Македонија’ на една од шесте конститутивни републики на Југославија, очигледно е дека тој чин немал цел да создаде иредентистички тврдења кон нејзините соседи, со кои Југославија разви пријателски односи и плодна соработка.
Многу години скопските власти претставуваа карти на ‘Голема Македонија’, ширејќи ги ‘географските и етнички граници на Македонија’ во Бугарија, Албанија, Србија и Грција. Тоа ли е моделот на регионална соработка што нашите пријатели во Скопје проповедаат дека го следат?
Прифаќајќи го приемот во Обединети нации под провизорното меѓународно име ‘поранешна југословенска Република Македонија’, во исто време прифаќајќи ја и процедурата во ОН ‘за продолжување на напорите под покровителство на генералниот секретар за доаѓање до брз договор’ за разликата за прашањето за името, а, сепак, продолжувајќи да го користи ‘уставното’ име ‘Македонија’ – кое не е прифатено во Обединети нации! – не претставува само измама и навреда на Обединети нации, туку и доказ дека тие се сметаат себеси ‘умни’, а сите други ‘идиоти’.
Би сакала само да поставам просто прашање: ‘Ако презентирате некому карта што го прекршува нивниот територијален интегритет, што би очекувале дека ќе сторат? Да ги прифатат вашите предлози? Би било ли можно тоа?
Сè додека карите на ‘Голема Македонија’ и соодветната иредентистичка политика се базирани на и произлегуваат од прашањето за името, тоа е ‘Македонија’, очигледно е дека тој поим не може да функционира.
Во интервју пред две години нагласив дека ‘политиката на Тито за мене е јасна: тој никогаш не би ја поддржувал идејата за инсистирање на името ‘Македонија’. Не можам да разберам зошто политичарите на Скопје беа толку тврдоглави во рамките на Обединетите нации и на други места, наместо да се најде логична разлика меѓу овој дел на Грција и нивната нова држава. Нивната политика не беше мудра, бидејќи не вложија напор да најдат солуција со Грција. Не, мојот дедо никогаш не би инсистирал на тоа’.
Без оглед на какво било разгледување на историските корени или на историските аргументи, во овој случај сфаќаме дека стоиме пред преговорите од 1993 година во рамките на Обединети нации. Со сета почит и срдечно пријателство со нашите пријатели во Скопје, кога сме во преговори, не можеме да кажеме: ‘Ние се држиме до името Македонија и нема да разговараме за ништо друго’. Дефинирањето на она што не можеме да го прифатиме во преговорите дава индикација за нашата општа цел. Исклучува одредена област на дискусија, но оставајќи ја преостанатата област слободна. Сепак, единствено дефинирајќи го она што го сакаме, придржувајќи се кон тоа и не движејќи се ни милиметар надесно, ни милиметар налево, таквото однесување не е почеток на преговорите, туку нивен крај.
Терминот ‘Македонија’ секогаш се користел за поширока географска област, од која приближно 51 процент е дел од Грција, 38 отсто е во поранешна југословенска Република Македонија, а 9 отсто од неа е во Бугарија.
Според тоа, би било апсурдно од делот на Скопје да се инсистира на употребата на терминот ‘Македонија’ на исклучива основа. Затоа би сакала раководството во Скопје да стори сé што е можно за да најде решение.
Во античко време жителите на регионот на Македонија им се поклониле на исти богови како Грци, говореле на грчки јазик и учествувале на Олимписките игри, привилегија резервирана само за Грците. Сите филозофи и писатели од регионот Македонија, вклучувајќи го и Аристотел, пишуваале на грчки. Александар Велики, Александар Македонски или како и да сакаме да го наречеме не го ширел ‘македонскиот’ јазик, туку грчкиот јазик и цивилизација.
Ако некој има поинаков поглед на историјата, ова е академско прашање, а не политичко. Оставете им го на академиците.
Во изминатите децении, но и неодамна, постојано слушавме за ‘Голема Македонија’, ‘Голема Србија’, ‘Голема Хрватска’, ‘Голема Албанија’ и други националистички плачења. Навистина, премногу ‘големи’ држави во толку мала област!
Мојот сон е да ги видам сите конститутивни републики од поранешна Југославија како напредуваат и се развиваат, што би било несомнено поткрепено со пристапувањето во Европска унија и во НАТО. Мислам дека Метју Нимиц беше апсолутно во право кога изјави: ‘Време е да се најде решение за прашањето за името’“, пишува таа.
Светлана Броз е родена во 1955 година во Белград како најмало дете на Жарко Броз, најстариот син на Тито, и на Злата Јелинек-Броз. Од 2000 година живее во Сараево, а од 2004 е државјанка на Босна и Херцеговина. По вокација е докторка што специјализирала кардиологија, а се пројавува и како слободен новинар и граѓански активист. Во 2011 година добива „Национален орден за заслуги“ од тогашниот француски претседател Никола Саркози. Почесен граѓанин е на Тузла, родниот град на нејзината мајка.