Во Брисел ќе се разговара за „Нова Македонија“


„Нова Македонија“ е предлогот за кој ќе се разговара во Брисел на средбата на медијаторот Метју Нимиц со претставниците на Македонија и на Грција, објави грчката телевизија „Стар“.

Во прилогот објавен во централните вести на телевизијата, се нагласува дека доколку Скопје се согласи со овој предлог ќе се отвори патот за решавање на прашањето за името во првата половина на 2018 година, како што најавија и премиерот Алкесис Ципрас и шефот на дипломатијата Никос Коѕијас.

„Стар“ наведува дека првичниот грчки предлог бил „Вардарска Македонија“, но сега се дошло до предлогот „Нова Македонија“, како што било во 1992 година во т.н. пакет „Пинеиро“, што тогаш бил одбиен.

Име со географската одредница како „Северна Македонија“ не е прифатливо за грчката страна, бидејќи, како што се наведува, не би го спречил иредентизмот на Скопје и имплицира постоење и на јужна Македонија, што не е прифатливо и за Бугарија.

Притоа се потсетува на изјавата на Ципрас за „Стар“ дадена по стапувањето на власт, во која вели дека Грција згрешила што пред 20 години не го прифатила пакетот „Пинеиро“ кој предвидувал сложено име со географска одредница, што според него, би било добро решение за спорот.

„Стар“ коментира дека сега прашањето е како предлогот ќе помине во грчката Влада особено кај Панос Каменос коалицискиот партнер на Ципрас кој досега остро се противеше зборот Македонија да стои во името на северниот сосед. Што се однесува на Парламентот и опозициската Нова демократија, „Стар“ го пренесува очекувањето на Ципрас дека тоа нема да биде проблем бидејќи предлогот ќе биде прифатлив за некои опозициски пратеници со што ќе се овозможи да помине во законодавниот дом.

Грчките медиуми денеска објавуваат и дека планираната работна вечера на Метју Нимиц со претставниците на двете земји Адемантиос Василакис и Васко Наумовски синоќа не се одржала поради лошите временски услови на аеродоромот во Брисел и неможноста на медијаторот навреме да пристигне.

Новата рунда разговори за името е планирана за денеска, по што Нимиц ќе одржи и прес-конференција во зградата на Регионалниот инфо центар за Западна Европа на ОН (UNRIC).

На разговорите во Брисел, Наумовски ќе го придружува дипломат од МНР, а во ист формат кој е договорен со Нимиц, ќе биде и од грчката страна. Последната формална рунда разговори на медијаторот на ОН со преставниците на двете земји беше одржана во Њујорк во ноември 2014.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1