Неколку десетици метеоролошки станици во Чешка, ноќеска забележале рекордно ниски температури за овој период од годината, јави дописникот на МИА од Прага.
Најниска температура, од минус 27 степени е измерена во областа Јизерце во Либерецкиот крај, во северниот дел на земјата. Во градот Теплице е измерена температура од минус 15,1 степени Целзиусови, која во овој период од годината не е забележана во последните 87 години.
– Слично студено време не очекува и вечерва, кога минималните температури ќе се движат од минус осум до 13 степени под нулата, а таму каде што има снег температурата ќе биде околу минус 17 степени Целзиусови, предупредуваат од Чешкиот метеоролошки завод.
Во Прага каде беа измерени минус осум степени Целзиусови, локалните органи од синоќа прогласија прв степен на опасност за бездомниците и ги отворија бесплатно специјалните прифатилишта каде обично за преспивање се плаќа 20 круни (помалку од едно евро) за едно ноќевање. Социјалните служби во вакви студени денови во близина на прифатилиштата за бездомниците обезбедуваат топли напитоци како супа и чај.
Патиштата во земјата се проодни, со опасност од голомразица.
Миа