Во Египет беше воведена вонредна состојба на територијата на целата држава во рок од еден месец, со указ на вршителот на должност претседател на државата Адли Мансур.
Интернет изданието на каирскиот дневен весник Al Ahram пренесува дека откако во текот на денот биле запалени три цркви на христијанската коптска заедница, во текот на ноќта продолжуваат нападите врз коптските цркви и христијанските имоти. Гневни толпи, според очевидци, запалиле десетици христијански објекти, меѓу кои цркви, манастири, училишта и продавници, во повеќе градови низ Египет, како Александрија, Суец и повеќето градови во покраината Горен Нил.
Според египетските медиуми, тоа дава неограничени надлежности на армијата и на силите за безбедност, како и можност за воведување полициски час со ограничување на движењето по улиците во градовите.
Египетската телевизија објави изјава на Мансур според кој вонредната состојба се воведува заради „опасност за сигурноста во државата предизвикана од дејстивја што ја поткопуваат безбедноста“.
Мансур ја повика армијата да и помага на полицијата во одржувањето на редот и безбедноста и заштитата на животот на Египќаните.
Во заедничките полициски и воени акции во растурањето на свата кампа на приврзаниците на отстранетиот претседател Мохамед Морси и на Муслиманското братство во египетската престолнина Каиро во средата има 278 загинати и повеќе од 1.500 ранети, објави вечерта министерството за здравството, а полицијата објави дека целосно го контролира плоштадот Рааба ал-Адивија центарот на исламистичките протести за враќање на власт на првиот избран исламистички претседател на земјата.
Бројот жртви е поголем од официјалните податоци, пренесуваат агенциите, бидејќи репортерот на AFP само на каирскиот плоштад Рааба ал-Авадија, видел тела на 124 демонстранти.
Потпретседателот на Египет Мохамед Ел Барадеј поднесе денеска оставка поради несогласување со одлуката на властите насилно да ги урнат протестните кампови на приврзаниците на соборениот од власт претседател Мохамед Морси во Каиро.