Истражување на порталот МојеВријеме.хр покажува дека дури 82 отсто од хрватските испитаници со сериозно искуство од живеење во поранешната заедничка држава мислат дека во СФРЈ се живеело подобро, 74 отсто би можеле под одредени услови повторно да живеат во еднопартиски систем, а 40 отсто Јосип Броз Тито го сметаат за позитивна личност.
Истражувањето „Дали некогаш ни беше подобро?” во април го спроведе порталот МојеВријеме.хр, наменето за генерациите „50 плус“, во кое анонимно учествуваа повеќе од 2.200 граѓани на Хрватска и БиХ.
Дека во поранешната држава подобро се живеело или многу подобро мислат 82 отсто испитаници од Хрватска, дека било полошо тврдат четири отсто, додека „не дај Боже да се повтори“ бил одговорот на шест отсто испитаници, пренесува Хина.
При тоа 14 отсто испитаници за себе отворено велат дека се југоносталгичари, додека 62 отсто мислат дека не припаѓаат во таа категорија. Повремени југоносталгичари, според сопственото признание, се 22 отсто од испитаниците.
Како децидни верници се изјасниле дури 12 отсто од декларираните југоносталгичари, а 19 отсто се оние кои на тој начин би се нарекле повремено.
Во еднопартиски систем без никакви проблеми би живееле, доколку тој живот го минуваат во благосостојба, дури 60 отсто од хрватските испитаници. Околу 14 отсто би можеле да живеат во такво општествено уредување, во зависност од тоа која партија би била на власт.
Тоа значи дека дури 74 отсто од испитаниците, кои имаат искуство од живеење во СФРЈ, можат повторно да живеат во опшстество со една политичка партија, додека дури секој петти испитаник (21 отсто) категорички тврдел дека не би можел да живее во едноумие.
За Тито 40 отсто од испитаниците милат дека бил позитивна личност, а само осум отсто сметаат дека станува збор за диктатор. Меѓу нагласените верници само 14 отсто мислат дека Јосип Броз е диктатор, додека 31 отсто верници безусловно го сметаат за позитивна личност.
Испитувањето во БиХ покажува дека таму граѓаните постари од 45 години во голема мера искажуваат позитивни ставови и чувства кон некогашната заедничка држава во уште погоема мера од хрватските испитаници, наведува порталот МојеВријеме.хр.
Така, на пример, за вкупно 87 отсто од испитаниците од БиХ не е лошо враќањето во еднопартиски систем, а 92 отсто сметаат дека некогаш се живеело подобро. Дури 66 отсто испитаници мислат дека животот во Југославија бил многу подобар, додека Тито како позитивен лик го сметаат високи 65 отсто испитаници, а за диктатор само три отсто.