Работниците кои работат на рушење на некогашната вила на наркобосот Пабло Ескобар нашле скриен сеф тежок 600 килограми. Сефот се уште не е отворен, па се уште не е познато што точно има во него.
Новите сопственици на вилата, Кристијан Де Бердоар и неговата сопруга Џенифер Валопи ангажирале професионални трагачи по богатство за да поминат низ рушевините на куќата.
Ескобар бил познат по тоа дека криел огромни количини пари на своите имоти. Тие средства не можел да ги испере преку некои од легалните бизниси, бидејќи едноставно биле премногу пари. Покрај тоа, во своите вили во Колумбија криел и многу скапоцени камења.
Магазинот Forbes во 90-тите години сметаше дека богатството на колумбискиот нарко бос е околу 30 милијарди долари, а во прилог на тоа идат и неговите изјави дека може да го исплати надворешниот долг на Колумбија, ако властите го остават на мира.
Работниците металниот сеф го пронашле во темелите на куќата, а Кристијан изјавил дека ова за него е како откривање на „светиот грал“. Сефот наскоро ќе биде тајно отворен, а потоа веројатно ќе се дознае што точно има во него.
Ова не е прв пат да биде пронајден сеф во вила на наркобосот, но во претходната ситуација, сефот исчезна пред неговите сопственици да го отворат. Конкретната вила во 1987 година била конфискувана од американската влада, а сегашните сопственици, не знаеле кој бил претходниот сопственик.