Во Македонија 20 нови заразени со СИДА меѓу нив 6 год дете


Годинава се откриени 20 случаи на заразени од СИДА што е рекордно голем број од 1987 година досега. Од нив 12 имаат Сида, а осум се ХИВ позитивни.

Од 1987 година, досега, во Македонија се регистрирани 166 случаи со ХИВ/СИДА од кои 69 починале. Деведесет и седум лица во Македонија во моментов живеат со ХИВ/СИДА.
Ова денеска на прес-конференција го истакна д-р Жарко Караџовски од Инстутот за јавно здравје на Македонија, во пресрет на 1 декември, Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА. Тој посочи дека од новорегистрираните, 15 се машки, а пет женски лица.

– Најголем број од нив, 12 се регистрирани во Скопје, по тројца во Куманово и Радовиш и двајца во Кичево. Од нив, еден случај е на возраст до шест години, пет случаи се на возраст од 20 до 25 години, осум случаи од 30 до 39 години, а шест од 40-49 години, додаде Караџовски.

Јованка Костовска, раководител на Секторот за превентивна здравствена заштита при Министерството за здравство истакна дека превенцијата е единствената мерка за заштита од ХИВ/СИДА.
Таа потенцира дека во Програмата за заштита на населението од ХИВ/СИДА што изготвува Министерството за здравство за идната година се обезбедени шест милиони денари за лекување на пациентите со ХИВ/СИДА.

– Сите центри за јавно здравје во државата ќе организираат предавања за младите. Тимови од Црвениот крст ќе делат презервативи на прометни места, а во 15 до 20 компании ќе се поделат брошури и прашалници за да се утврди информираноста на вработените за ХИВ/СИДА, додаде Костовска.

Директорот на Клиниката за инфективни болести, Ѕвонко Миленковиќ рече дека во таа јавна здравствена установа има високо обучен персонал за третман на пациентите со ХИВ/СИДА и оти располагаат со најсовремена дијагностичка опрема.
Во светски рамки има намалување на бројот на инфицирани со ХИВ, чиј број изнесува 34,2 милиони, а новооткриени се 2,5 милиони. Од СИДА досега во светот починале 1,7 милиони луѓе.

Миа

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1