Месноста Самовилец, на еден час пешачење од селото Дабница кај Прилеп, е светилиште небаре Мека или Ерусалим за прилепските Роми. Секоја година, ноќта спроти празникот Ѓурѓовден, стотици Роми и православци го посетуваат изворот со лековита вода гушнат од карпите.
Според легендата, таму се миеле самовилите. Еден час по полноќ, се бркаат самовилите од изворот, порано со оган, а сега со огнено оружје, и се вели дека се случило чудо. По народот внимателно се реди да се измие со чудотворната вода, богата со иљач, среќа, бериќет и со верување за исполнување на желбите. Ритуалот е своевиден аџилак, со примеси на исламот и христијанството. Некои сметаат дека има елементи и на паганството. Адетот е повеќевековен татнеж на предците на Ромите во Прилеп, пренесуван со генерации.
Педесет и деветгодишниот Бајрам Рифатоски е таканаречениот чувар на светата вода. Тој е потомок на еден од старите негувачи на традицијата. Раскажува дека му се сонило да им помага на луѓето.
– Со десетина души сум домаќин. Наследник сум на адетите од нашите родители, дедовци и прадедовци. Зрачи со духовност местото меѓу грамадните камења каде што набујува лековита вода, која луѓето ги загрнува првин со радост, а по со касмет и лек. Водата е чудотворна. Затоа, околу изворот се палат свеќи за здравје, се оставаат дарови и завештанија. По полноќ, со пушки и пиштоли, се пука во небото да се избркаат самовилите од нивното миење и народот да ја ползува водата. Потоа се дели вода, со која самовилите ги миеле рацете. Чудотворноста не разликува муслимани, православни или други верници. За сите зрачи исцелителна моќ – објаснува Рифатоски.
Неженетите и немажените се мијат и викаат од карпите „Годинава тек, а в година чифт“. Тоа значи дека копнеат по брачен партнер. Ако им се исполни желбата, со брачниот другар носат подарок, оти соништата им станале стварност. Брачни двојки без челад, се заветуваат и носат јагниња за курбан. Се измиле со водите и Господ им дарува бебешки плач во куќата по една година.
Доан Мемедоски, на возраст од 22 години, донесе јагне, оти лани бил ветен да добие машко дете.
– Господ ме слушна и ми дари син. Му се заблагодарив со јагне, како што се ветив лани. Потврдувам дека се исполнуваат желбите. Им порачувам на младите да ги следат адетите на постарите оти со водите, мечтите стануваат јаве. Секој ќе го следи среќа на сите полиња во животот – вели Мемедоски.
Dnevnik