Во Русија првпат е регистриран брак меѓу двајца мажи, што руското Министерство за внатрешни работи го означило како „бирократска грешка“. Русија не признава истополови бракови и има усвоено закон против ширење геј „пропаганда“ меѓу малолетници, па поради тоа тврдењето на Павел Сточко и Јевгениј Војцеховски дека нивниот брак е официјално регистриран, предизвика бурни реакции во јавноста.
Двојката рекла дека се венчала во Данска и дека своите пасоши ги предале на надлежните во администрацијата, по што службеник на патничките документи без проблем им ја ставил ознаката дека се венчани.
Меѓутоа, Министерство за внатрешни работи на Русија соопштило дека нивните пасоши ќе бидат повлечени, а дека службеникот што ставил печат ќе добие отказ.
Руската организација што се залага за правата на геј-лицата „ЛГБТ мрежа“, навела дека двојката ја напуштила Русија поради страв за својата безбедност.