Докторката, Вјолце Мбиара, која минатата година беше вработена во поликлиниката во Шуто Оризари како гинеколог, отворено кажува дека ги убедувала бремените жени да не абортираат затоа што тоа се коси со нејзините религиозни убедувања, пренесува порталот НоваТВ.
Вјолце потекнува од Албанија, каде што работела во Американската болница. Во Шуто Оризари се вработи додека Арбен Травари беше министер за здравство, за да го реши долгогодишниот проблем со немањето гинеколог во оваа болница.
„Доаѓаат жени кои сакаат да абортираат, сиромашни се или веќе во години кога имаат внучиња. Ние им кажуваме дека не смеат тоа да го прават и веќе 3-4 жени се предомислија и ги задржаа децата“, изјавила Вјолце за НоваТВ.
Таа смета дека така е правилно, а правото на избор се коси со религиозните убедувања.
Како што пренесува порталот, дел од пациентите тврдат дека докторката им наплаќа за услуги што треба да бидат бесплатени, како отворање на картон и ехо преглед.