Во Зоолошката градина во моментов се гради ново живеалиште за слон и пингвини.
Новото живеалиште за слон се гради на парцела со површина од 3.200 метри квадратни, а во него ќе се изгради и објект со површина од 400 метри квадратни. За изградбата на новото живеалиште, Град Скопје издвои 26 милиони денари. По завршувањето на изградбата на живеалиштето, до крајот на оваа година треба да пристигнат два слона, со што по долги 24 години во скопската Зоолошката градина повторно ќе има слон во збирката животни.
Проектираното живеалиште за слонот се состои од внатрешен и од надворешен дел, кои се поделени на два дела за два слона. Надворешното живеалиште, коешто се планира да биде примарно место за нивен престој бидејќи климатските услови му одговараат, ќе ја пресликува природната околина во којашто живеат слоновите, и ќе се посвети особено внимание на подлогата, деловите исполнети со вода и декорацијата и хортикултурното уредување на целото живеалиште.
Внатрешното живеалиште е составено од повеќе делови, како дел за хранење и спиење, дел за набљудување, дел за посетители и дел за нивните негуватели. Поради начинот на кој се негува слонот, планирани се специјални прегради меѓу делот за негуватели и делот каде што се чистат ушите на слонот и се одржуваат ноктите.
Во надворешната обработка ќе се користат природни нетоксични материјали, дрва и тули. Целиот периметар на живеалиштето е хортикултурно обработен, а само на одредени места се оставени делови за набљудување каде што со ровови се одделени посетителите и слоновите.
Секундарната ограда е електрична со низок напон. Бидејќи мажјаците се секогаш одвоени од женките и живеат сами, а женките живеат во групи со повеќе женки и деца, а се спојуваат само во сезоните за парење, ова живеалиште е поделено на два дела.
Зоолошката градина во Скопје имала слон во збирката животни, и тоа индиска слоница по име Анка, која живеела од 1964 до 1992 година.
Покрај слоновите Зоолошката градина во Скопје ќе добие и пингвини. Од идејното решение за нивното живеалиште ќе зависи колку пингвини ќе бидат донесени од Виена. Пингвини ќе бидат прилагодени на европските услови на живот. Ќе живеат во мали пештери, а преку ден ќе бидат надвор.