Годинава во поширокото тетовско подрачје се пријавени дваесет кражби во гулабарници, во кои се украдени речиси 950 разновидни гулаби. Вредноста на укаредните птици е проценета на околу 1 милион денари. За крадците најпривлечни се гулабите од расите „дунек“ и „масарка“, кои се високоценети кај одгледувачите на гулаби. Врвни примероци од овие раси на пазарот можат да достигнат цена и од над 1.000 евра за примерок, пишува Дневник .
– Годинава трипати ми ги крадат гулабите. Прво ми зедоа 65 гулаби, пред три месеци 45, а минатата недела 36 гулаби. При последната кражба ми напишаа и заканувачка порака „немој да чуваш повеќе гулаби“. Не знам зошто ова го прават. Јас немам дуго хоби, гулабите ми се живот – вели Абдулакадар Малиќ, гулабар од Тетово.
За тоа дека голем дел, пред с`, од висококвалитетни гулаби, завршува во околните земји, неофицијални сознанија има и тетовската полиција, но досега нема случај на откривање на крадците.
За кражбите се запознаени и во Здружението за украсни птици од Тетово „Дијамантски петел“.
– Стравот кај гулабарите, особено тие што имаат висококвалитетни гулаби, навистина е голем. Kога организираме изложби на егзотични птици тие се плашат да ги презентираат своите гулаби. Велат, крадците можат да ги видат, па некоја вечер да им го испразнат гулабарникот – вели Ванчо Илиевски од Здружението. Ниту големите катинари на гулабарниците ниту кучињата-чувари засега не се сигурна заштита за тетовските гулаби.