Во областа Коњско на Кожуф Планина има резерви на злато, покажаа едногодишните истражувања кои ги вршеше канадската компанија “Резервоар минералс”, која концесијата ја доби лани.
– Заинтересирани сме за долгорочно останување во Македонија. Работиме една година на оваа концесија. Засега резултатите ни се охрабрувачки така што продолжуваме да работиме на оваа концесија, но и на зголемување на инвестициите за што имаме поднесено иницијативи за повеќе концесии, изјави денеска претставници на компанијата на презентацијата на своите активности.
Потенцираа дека во истражувањето развиваат бизнис на заедничко работење со светски познати рударски компании, а во регионот се успешни во своите активности во Србија.
– Засега во Македонја за 1,5 година имаме само една концесија и вложено околу 750 илјади евра. Оваа инвестиција се однесува само на еден проект и се надеваме дека ќе имаме и други проекти, истакнаа од компанијата.
Во регионот се присутни 10 години, а за Македонија сметаат дека има позитивна бизнис клима и оти тоа е причина да продолжат со инвестирањето и тоа не само со нови концесии, туку и со рударство.
Позитивно го оценуваат законодавството за рударство, активната рударска индустрија, висококвалификуваните македонски технички стручни лица за истражувачката и рударска индустрија и слично.