Во руралните средини на сојузната држава Вашингтон има с` поголем број бебиња со вродени мани, а аненцефалијата, односно отсуството на делови од мозокот или черепот, е главен проблем, пишува „Гласот на Русија“. Изливот на овие екстремни здравствени прашања ги натера здравствените службеници да испитаат што може да е причината за овој загрижувачки тренд, иако десетиците бебиња со ваква вродена мана во окрузите Јакима, Френклин и Бентон остануваат мистерија, со ниту една наведена причина.
23 случаи на аненцефалија меѓу јануари 2010 и јануари 2013 година. Генетски советник оттогаш забележал уште осум или девет случаи на аненцефалија и спина бифида, односно некомплетно развивање на ’рбетот. Службениците најпрвин биле предупредени од 58-годишна медицинска сестра, која видела не повеќе од два случаја на аненцефалија во нејзината неколкудецениска кариера, и тогаш во само шест месеци видела два нови случаја, а слушнала и за трет.
Најзагрижувачкиот аспект на целата ситуација не е само зголемениот степен на дефекти, туку фактот дека никој не е сигурен која е причината за проблемот. Според извештај на американската телевизија Ен-би-си њуз, ЦДЦ ги испитале медицинските записи за стотици лица, барајќи разлики меѓу мајките чии деца имаат вродени мани и тие чии деца се добри. Службениците копале по случаите на жените и не нашле заеднички изложувања, услови или причини, а притоа било испитано с` – од нивното образование и индексот на телесна маса до водата што ја пијат и лековите што ги примаат.
Професор по генетика, кој специјализира аненцефалија, забележал дека истражувањето покажало оти постои врска меѓу дефектот и изложеноста на мувла и пестициди, додавајќи дека областа на централен Вашингтон е земјоделска. „Сиетл тајмс“ претходно известуваше дека има и други потенцијални ризични фактори: недостаток од фолна киселина во исхраната, загадувач во пченкарното брашно и зголеменото ниво на нитрати во водата за пиење. Сепак, ЦДЦ велат дека тоа можеби е само случајност.