Водата во Гостивар ќе се хиперхлорира и секојдневно тројно ќе се тестира


Водата од водоводната мрежа во Гостивар во моментов е неисправна за пиење и за техничка употреба, покажуваат најновите резултати од анализите на мострите што ги направи Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Во таа насока, се апелира до граѓаните строго да ги почитуваат препораките на надлежните институции и до понатаможно известување да не ја користат водата од водоводната мрежа. Главниот штаб ја задолжи Општина Гостивар итно да предложи локации и да назначи контакт-лица за воспоставување пунктови за дистрибуција на техничка вода за објектите од витално значење.

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и ЈП „Водовод“ – Скопје и Ахенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ќе продолжат со засилени теренски испитувања на квалитетот на водата, а резултатите од анализите редовно ќе ги доставуваат до Главниот штаб при ЦУК.

Водата во водоводниот систем во Општина Гостивар, каде е прогласена епидемија на заразна болест, и која моментално не е ни за пиење, ни за техничка употреба, секојдневно ќе се тестира од три различни институции се додека резултатите не покажат дека е исправна.

Професионалните екипи на ЈКП Гостивар и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје изработуваат план за повторно ставање во функција на гостиварскиот водовод. Планот предвидува континуирани контроли на квалитетот на водата на неколку јавни точки, додека министерот за здравство, Сашко Клековски, нагласува дека снабдувањето со вода ќе биде обновено само откако ќе се потврди дека таа е целосно безбедна за употреба. Во меѓувреме, Министерството за здравство побара од Центарот за јавно здравје да ги достави сите мостри од вода земени во текот на годината, заедно со датумите и соодветните локации.

„Јавното комунално претпријатие, како давател на услугата, со закон е задолжено како се врши проверка на квалитетот на водата. Прашањето е дали ЈКП ја вршело таа работа, бидејќи, еве можам да кажам, Центарот за јавно здравје во Тетово – подрачна единица Гостивар, ја добила набавката за вршење контрола, меѓутоа таа е со ограничен број на мостри годишно и, во рамките на тие мостри годишно, Центарот за јавно здравје ги земал мострите. Ние сега ги анализираме резултатите и местата кадешто се земени мострите, бидејќи тоа ќе биде потребно за планирање на следните чекори.“, изјави Клековски.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1