Вонредна состојба е прогласена во четврток вечер на целата територија на Србија како превентивна мерка заради поплавите и врнежите кои, според прогнозите, во следните 24 часа во одделни подрачја ќе донесат врнежи и до 60 литри на метар квадратен.
„Одлуката е донесена како превентивна мерка со која ќе се олесни и забрза делувањето на сите тела на Република Србија во заштитата на животите и сигурноста на граѓаните и имотот, како и отклонување на последиците од поплавите“, соопшти Владата на Србија.
Владата, како што се наведува во соопштението, континуирано ќе ја следи состојбата на терен и за тоа ќе ги информира гаѓаните.
Севкупната ситуација ја отежнува и мигрантската криза, па на полицијата во заштитата на границата во следните денови ќе и помага и војската.
Во Србија заради поројните дождови уште во вторникот беше прогласена вонредна состојба во 15 општини на западот и југозападот на Србија, а евакуирани се најмалку 150 и поплавени се околу 700 куќи и стотици помошни објекти. Под вода е и повеќе од 6.000 хектари земјоделско земјиште.