Контаминиран воздух во кабината на авионите може да го оштети човековиот нервен систем. Најновите студии докажуваат дека нервните отрови можат да навлезат во авионскиот систем за дотур на воздух и климатизација.
Во патничката кабина на авионот навлегувале штетни испарувања од масло преку системот за дотур на свеж воздух, во кој стигнале преку компресорите на авионските турбини (мотори). Тие маслени испарувања содржат отровни материи, кои навлегуваат во човековиот нервен систем и можат да доведат до непоправливи штети по здравјето.
Во Германија во 2012 година за малку ќе дојдеше до пад на авион Ербас на воздухопловната компанија „Џерманвингс“, кога пилотите во кокпитот вдишувале контаминиран кабински воздух и кај нив се појавиле симптоми на затруеност. Тие речиси ја загубиле свеста и со крајни напори успеале сигурно да го слетаат авионот на аеродромот Келн/Бон.
Овој настан не е исклучок: според најновите податоци на Сојузната комисија за истражување на воздухопловни несреќи, од 2006 до 2013 година биле регистрирани 663 случаи на навлегување на штетни испарувања во патничката кабина. Во десет од тие случаи дошло до „долгорочни нарушувања на здравјето“ на засегнатите. Од анализата на податоците исто така произлегле „јасни показатели кои укажуваат на здравствени оптоварувања за пилотите и кабинскиот персонал во смисла на трудовата медицина“.
Од 2006 до 2013 година биле регистрирани 663 случаи на навлегување на штетни испарувања во патничката кабина
Натамошен доказ за отровни материи во авионската кабина е една студија која ја има на увид редакцијата на весникот „Велт ам зонтаг“.
Авиокомпанијата „Кондор“ го овластила институтот „Фрезениус“ да ги тестира нејзините авиони за присуство на нервниот отров трикресилфосфат (ТЦП). Според наводите на весникот, од студијата произлегло дека биле контаминирани „11 од 12 Ербаси А320“, „пет од 13 авиони Боинг 757“ и „6 од 9 авиони Боинг 767“. Во сите нив биле најдени траги од ТЦП. „Кондор“ од 2009 година ја држи во тајност студијата.
ТЦП, инаку познат и од инсектициди, по составот е сличен на нервниот отров сарин и спаѓа во групата на органофосфати. Во моторните масла за авиони се додава ТЦП за да се намалат штети од корозија во дизните за воздух. За дотур во кабината во речиси сите модерни авиони се доведува нефилтриран воздух директно од турбините, кои функционираат користејќи такво масло.
Притоа можат да истечат најситни капкички, кои брзо испаруваат и стигнуваат во кабината преку системот за климатизација.
Луѓето различни реагираат при вдишувањето на тие отрови: некои страдаат од главоболки, воспаление на слузокожа, чувство на гадење, бессоница, мускулна треска или дури и нарушубвање на мисловниот процес и на концентрацијата, додека кај други не се појавува ниеден од тие симптоми.
Поради тоа досега беше многу тешко последиците по здравјето да се доведат во директна врска со присуството на ТЦП во воздухот во кабината на авионот.
Франк Бартрам, специјалист по општа и еколошка медицина, третирал повеќемина пилоти и стјуардеси, кои имале долготрајни здравствени проблеми поради вдишување на отрови. „Сите тие имаа една поинаква генетска мостра, која полошо – или воопшто не ги разградува тие органофосфати, или дури овозможува тие во телото да станат уште поотровни“, изјави експертот за Дојче веле.
За разлика од правилото во токсикологијата „многу отров има силно дејство, малку отров има слабо дејство“, еден нефункционален систем за прочистување на организмот од отрови може веќе кај мали количества нервен отров да нанесе големи штети во него“, објаснува Бартрам.
„Аеротоксичен синдром“
Таквиот комплекс од симптоми на болест за првпат во 1999 година е означен како „аеротоксичен синдром“. Но, првите поплаки за здравствени тегоби од тој вид потекнуваат уште од 50-те години на минатиот век.
Светската здравствена организација досега се’ уште не ја призна таа болест, па така авиокомпаниите и специјализираните здравствени осигурувања за одредени професии и стопански дејности не можат да бидат повикани на одговорност. По најновите сознанија, таа ситуација би можела наскоро да се промени.
Деновиве организацијата „Аеротоксик асосиејшн“ објави дека според една нова студија, смртта на еден британски пилот недвосмислено се должи на труење со органофосфати.
Ричард Вестгејт почина во декември 2012 на 43-годишна возраст, без неговиот лекар да може да му помогне во врска со тегобите.
Тој страдал од повеќе заболувања, меѓу другото и од воспаление на срцев мускул, леукемија, мултипла склероза. При обдукцијата експертите, според наводите од студијата, откриле и оштетувања на неговиот нервен систем, предизвикани од труење.
Трајни оштетувања од ЦТП
Кај тешки инциденти труење со органофосфати може да доведе и до нарушувања на осетот во нозете и рацете а „делумно и до парализи“, изјави за ДВ Јерг Хандверг од здружението на пилотите „Кокпит“. Повеќе колеги кои страдале од такви здравствени тегоби, поради тоа веќе останале без работа и биле неспособни за работа.
Тој посакува правила од специјализираните здравствени осигурувања кои „на засегнатите ќе им овозможат некаде да ја продолжат својата егзистенција, без да мораат да паднат на социјална помош“.
Во договорите кај најголемиот дел од авиокомпаниите е утврдено дека пилот кому нема да му биде продолжена летачката лиценца, автоматски го напушта и претпријатието.
Здружението „Кокпит“ со години се обидува да ги убеди авиокомпаниите во кабините да вградат сензори кои ќе ја мерат концентрацијата на органофосфати, за соодветно да реагираат. „Досега нема ни уреди за филтрирање, иако ние веќе девет години се обидуваме да најдеме некое решение“, се жали Хандверг. Тој проблем би можел да биде избегнат ако уредите за довод на воздух во авионите бидат така направени, што испарувањата од масла и хидраулична течност нема да можат да се смешаат со воздухот за кабината.
Така е кај само еден единствен од актуелните модели – кај Боинг 787. Во таканаречениот „дримлајнер“ воздухот не се спроведува од кај турбините, туку електрично се генерира. „Но, производителите, посебно Ербас во Европа, но и Боинг во Америка, досега одбиваат такви промени“, вели Јерг Хандверг. Опремувањето на нивните модели во иднина со подобри системи за дотур на воздух би водело до повисоки производни трошоци и „еден картел од политиката, авиокомпаниите, надлежните власти и производителите“ спречува да дојде до промени во оваа бранша.
Александар Рајковиќ