Обилните снежни врнежи од 18.30 часот го затворија планинскиот премин Стража за сообраќај на тешки товарни возила . Забрана за камиони и автобуси има и на патниот правец Тетово – Попова Шапка, а за останатите возила задолжително е поседување на зимска опрема.
Од 20.20 часот има забрана за тешки товарни возила и на кракот Маврово – Дебар, информираат од ЈП Македонија пат. Вчера во попладневните часови поради судир на една цистерна и два шлепери, неколку часа беше блокиран сообраќајот на патот од Дебар кон Маврови Анови. Сообраќајната несреќа се случила во реонот на Трница и нема повредени, посочија од полицијата.
Според првичните информации, причина за незгодата е пребрзото возење и лизгавиот пат. Инаку прво дошло до судир на еден камион и цистерна, по што налетал уште еден камион кој влетал во возилата.
Во моментов сообраќајот низ Македонија се одвива по влажни коловози, а на повисоките места во западниот и југозападниот дел од државата има кашест снег.
Поради ниските температури можни се подмрзнувања на коловозот на осојните места, порачуваат од АМСМ.