Доколку сте вработени и земате плата ќе плаќате придонеси и за хонорар од само 100, 200 или 500 денари. Сумата од 9.590 денари месечни приходи над која настанува обврската за плаќање придонеси на хонорарите не се однесува само на средствата заработени преку авторски договори и договри на дело туку и на парите добиени како плата од редовен работен однос.
Со оглед на тоа што толкава е и минималната плата во државата, сите вработени лица ќе треба да го пријавуваат и да плаќаат придонеси за секој екстра денар заработен како хонорар. Од агенциите за авторски права објаснуваат дека вака е предвидено со постоечкиот закон, но може да се промени во правилникот за пресметка на придонесите, кој се` уште не е објавен, иако обврската стапи на сила на 1 јануари.
Во меѓувреме, хонорарците почнаа да ги поскапуваат своите услуги. Здружението на преведувачи објави препорака за тарифирање, во која на своите членови им посочува цената на услугата да ја зголемат за околу 50 отсто, средства кои ќе им бидат потребни за плаќање придонеси и персонален данок.
– Новиот закон воведува трошоци што претходно не постоеле и затоа моравме цената да ја зголемиме за тие проценти. Сега ја изразуваме во бруто износ, наместо во нето, како што практикувавме до крајот на 2014. Ваквата практика е и поправилна, бидејќи бруто цената е вистинската цена на трудот, а не нето износот. Очекуваме секакви реакции, некои нарачатели ќе негодуваат бидејќи оваа промена реално им ги зголемува трошоците, други ќе имаат повеќе разбирање дека тоа е единствениот економски логичен чекор за нас, бидејќи и ние треба да ги покриеме трошиците и да оствариме заработка, како и секој друг бизнис. Преведувањето нам не ни е хоби, од тоа живееме, ни изјави Ирена Кацарски-Ќимова, претседател на Здружението на преведувачи на РМ.
Граѓаните кои земаат хонорар од две или повеќе места ќе имаат обврска договорите да ги поднесуваат во Фондот за пензиско осигурување, каде ќе им се пресметува колку треба да плата за придонеси.
Telma.mk