Со шест министерства – за животна средина, економија, правда, евроинтеграции, култура и односи меѓу заедниците, ќе раководи Вреди по владината реконструкција. Како што изјави денеска Беким Сали од Вреди, актуелен вицепремиер и министер за европски прашања, Министерството за здравство не е дел од овој пакет.
Споредено со досегашните ресори со кои управуваа кадрите на оваа партија, тоа значи дека во нивните раце ќе се најдат три нови ресори – за правда, со кое досега раководеше Игор Филков од редовите на ЗНАМ, за култура, каде што министер е Зоран Љутков од ВМРО-ДПМНЕ и позицијата заменик-претседател на Владата, која досега ја држеше Иван Стоилковиќ, лидер на Демократската партија на Србите во Македонија. За возврат, Вреди ги ослободува вицепремиерскиот ресор за доброто владеење каде што оставка поднесе Арбен Фетаи, позицијата министер за труд социјална политика, демографија и млади на чело со Фатмир Лимани, како и ресорот за здравство, каде што е сега Азир Алиу. Две нови имиња ќе има во Министерството за култура и Министерството правда, но се уште не е дефинирано кои ќе бидат тие.
-Се уште нема финално име за правда и култура, тоа ќе бидат две нови имиња. Актуелните министри мислам дека перформираат добро во Владата, задоволни сме како Вреди и ќе продолжат понатаму. Здравство не е дел од пакетот, не е од нашите, истакна Сали, одговорајќи на новинарски прашања пред настанот со кој Вреди одбележува две години од работењето како дел од владината коалиција.
Според Сали, се додека траат преговорите има отворени теми, но министерствата за животна средина, економија, правда, евроинтеграции, култура и односи меѓу заедниците, сигурно ќе и бидат доверени на Вреди.
Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, денеска во Куманово изјави дека „ресорите сè уште не се дефинирани“.
– Вторник ќе биде конечен ден кога ќе бидат соопштени сите ресори, кој на која политичка партија припаѓа и како ќе бидат распределени. ЗНАМ ќе задржи две министерства и по овие преговори ќе излезе уште појак, пообединет и поголем и ќе преземе уште поголема одговорност во делот на менаџирањето на процесите во државата, сè со цел граѓаните да добијат подобри услови за живот и да се отворат перспективите на Македонија за членство во ЕУ. ЗНАМ ќе стане еден од главните водечки политички фактори во државата – нагласи Димитриевски пред одржувањето на партиската трибина со граѓаните во рамките на започнатата партиска активност.










