Српскиот премиер Александар Вучиќ, денеска во Лондон, во обраќањето на инвестицискиот самит на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), изјави дека пред регионот е тешка година во економска и политичка смисла, објави „Вечерње новости“.
Вучиќ рече дека сите земји во регионот се стремат кон членство во ЕУ и преземаат тешки чекори за да и се приближат, но додаде:
– Европската унија ја изгуби волшебната моќ што ја имаше. Сакаме да станеме дел од ЕУ и посветени сме на тоа, но тоа повеќе не е голем сон, каков што беше во минатото.
– Ќе мора уште многу да сториме, пред се во правосудството, борбата против корупцијата и криминалот. И за тоа ни е потребна поддршка од ЕБОР и ЕУ.
Тој за време на обраќањето на самитот рече дека мигрантската криза влијаела на растечките националистички тензии на Балканот, а оти сите затвораат очи пред тој феномен.
– Тоа можете да го почувствувате во сите земји и само политички слепа личност може на тоа да затвори очи. А мигрантската криза не убеди дека се уште треба да соработуваме и заеднички да се обидеме да ги надминеме проблемите, порача Вучиќ.