На влезот во Градски трговски центар, во центарот на Скопје, скопјани ги вознемирува сликата на една мајка, која во рацете држи бебе, кое одвај има десетина дена. Мајката ги моли минувачите да ~ помогнат со пари оти немала ни за леб.
Додека од небото се истураа дождови, оваа уплашена жена и вчера одбиваше да зборува за себе. Во рацете ~ беше стиснато новороденчето, немала кому да го остави, а под стреите на трговскиот центар, повторно бараше пари. За кратко време, откако најверојатно ја обезбеди дневната доза пари, замина придружувана од еден маж, се вели во сторијата на весникот Дневник.
Сигурно ќе се врати и утре и задутре, а нејзиното бебе од неколку дена, наместо спокојно во колепка, расте под стреите на трговскиот центар и до картонската кутија, која секогаш е доволно празна за парите на сожаливите минувачи.
– Ова не е фер. Јас сум бремена жена, може хормоните ми го поматија умот, ама кога ја видов таа кутра жена на дождот со бебето во рацете, кое одвај имаше три кила, се скршив. Го отворив новчаникот и ги истурив сите пари што ги имав пред неа. Со солзи ја молев да си оди дома, да не седи тука со бебето. Одвај се смирив, кога и на другиот крај на трговскиот центар имаше уште една жена со марама на главата, која молеше за пари и имаше новороденче во рацете. Тогаш се прашав, што се случува, колку ли ги има по градов. Kако тие деца остануваат живи и здрави и зошто нема никој да поведе сметка за несреќата на овие дечиња. Kаква иднина имаат тие ако растат на улица, лете, зиме, дене и ноќе – вели за Дневник Сашка Томовска од Скопје.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека, за жал, некои традиционални навики кај одредени луѓе, како питањето и злоупотребата на сопствените деца не се надминуваат. Тие велат дека иако нивните социјални тимови постојано се на терен, сепак, не можат да се справат со питачите, кои секогаш се еден чекор пред нив, и во питање и во бегање.
Од кабинетот додаваат дека последна мерка , ако родителите и покрај укажувањата продолжат да питаат со децата, е да им го одземат родителското право. Според статистиката во Министерството, оваа година има зголемен број случаи на одземање дете од родителите поради занемарување и злоупотреба. Во 2012-2013 година се покренати вкупно 13 постапки за одземање на родителското право. Само годинава пет деца се одземени од родителите и се сместени во дом-семејства и во детското село.
Дневник