Судењето за демонстрантите од самопрогласената „Шарена револуција“, Никола Аризановски и Филип Наковски, беше одложено во вторникот, бидејќи судијката Весна Петровска – Тагасовска, која го води предметот, соопшти дека во обвинителниот предлог е наведена целата штета која се однесува на сите демонстранти, а во меѓувреме ѝ пристигнал и нов предмет за други демонстранти за кои таа не прифаќа спојување на постапката.
Штетата од демолирањето на Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија изнесува 880 илјади денари или приближно 15 илјади евра. Ова денеска беше соопштено на судењето против двајца демонстранти кои се обвинети за учество во толпа што ќе изврши кривично дело.
„Не прифаќам спојување на постапката, бидејќи не сакам да им го ускратам правото на одбрана на овие двајца обвинети кои изразија подготвеност за признавање на вина. Сметам дека сумата е превисока за само овие двајца обвинети да ја платат и затоа го вратив обвинителниот предлог на обвинителството за да биде прецизирана штетата само за овие двајца обвинети“, рече судијката во судницата.
И според одбраната неправично е штетата од 880 илјади денари да ја сносат само двајцата демонстранти кои со признавањето на вина автоматски ќе бидат задолжени да ја платат.
Адвокатот очекува дека согласно законот неговите клиенти ќе добијат условни осуди од три години.
Обвинетите со полициска придружба беа спроведени во Судот од куќен притвор. Минатата недела притворот им беше продолжен за нови 30 дена.