Фејсбук објави листа на 10 теми за кои корисниците на оваа социјална мрежа најмногу расправале. Светското фудбалско првенство е тема која е на прво место на скалата, а следат еболата, па претседателските избори во Бразил.
Светското фудбалско првенство беше и најгледан спортски настан, а на Фејсбук за оваа тема зборуваа, споделуваа и лајкуваа повеќе од 350 милиони луѓе. Меѓу останатите теми на листата на 10 најпопуларни се најде и Студениот предизвик, на кој му се придружи и самиот Марк Цукерберг.
Видео снимката од овој предизвик ја гледаа дури 440 милиони луѓе, а само снимката на која со студена вода се полева поранешниот американски претседател Џорџ Буш има гледаност од околу 40 милиони луѓе.
Според објавите на Фејсбук, од 1 јуни до 1 септември корисниците на оваа социјална мрежа размениле околу 17 милиони видео снимки во рамки на Студениот предизвик, кампања чија цел беше зголемување на свеста и собирање на средства за амиотрофичната латерална склероза АЛС.
По Светското фудбалско првенство, еболата и претседателските избори во Бразил, теми кои ги заземаа првите три места, следат на четврто место Робин Вилијамс, на петто Студениот предизвик, на шесто судирите во Газа, а на седмо место е исчезнувањето на авионот на Малезија Ерлајнс.
Супер Боулот, Мајкл Браун, односно случајот Фергусон, како и Олимписките игри во Сочи се на осмо, девето и десето место на листата на најпопуларните теми на Фејсбук во оваа година.
– Во своето најдобро издание, социјалните мрежи помагаат светот да стане глобално село, рече Шерил Сандберг, раководител во Фејсбук кој оваа година ја прослави десетгодишнината од своето постоење.