При промена на живеалиштето граѓаните ќе мора во рок од 30 дена да извадат нова лична карта и да известат каде живеат за да се добие ефикасна евиденција за достава на разни писма и да му се стави крај на свесното одбегнување одредни законски обврски поради неможност за нивно лоцирање, предлага Министерството за внатрешни работи, пренесува Нова Македонија.
. Цената за промена на личната карта ќе биде утврдена еден месец по стапување во сила на измените.
Нови начини на барања
Предложениот закон ќе ги прошири начините на поднесување на барањето за издавање лична карта.
– Барањето треба да се поднесе во надлежна организациска единица на Министерството за внатрешни работи на подрачјето на престојувалиштето на граѓанинот. Исто така, со предложените законски изменувања и дополнувања е предвидена можност поднесувањето на барањето и подигањето на личната карта да се вршат во домот на граѓанинот, при што граѓанинот ќе треба да плати посебен надоместок за извршената услуга ако не може физички да го стори тоа од оправдани причини – смета иницијаторот.
Висината на надоместокот би се одредила еден месец по стапување во сила на законот. Дополнително, пак, предложените измени ја избришаа обврската да се приложува доказ за објава во „Службен весник“ за неважечка или загубена лична карта.
Нова Македонија