Тројца министри од ДУИ во новиот владин кабинет не ги разјаснија шпекулациите дека постојат сомненија за извршени криминални дела. Тоа се идните министри Рамиз Мерко, Бујар Османи и Садула Дураку, јавува телевизијата Алсат-М. Поранешниот градоначалник на Струга Рамиз Мерко е осомничен за злоупотреба на службената должност и е под истрага од страна на ОЈО. Мерко воедно е под истрага за злоупотреба на постапката при јавен повик.
Поранешниот портпарол и поранешен министер за здравство од редовите на ДУИ Бујар Османи, е осомничен за нелегални набавки во времето кога тој беше министер за здравство. Сомнежите се за проектот за реконструкција на Државна болница во износ од 400 илјади евра. Аферата беше објавена во „бомбите“ на СДСМ, а од извори во СЈО, Алсат-М дознава дека за овој случај е отворена предистражна постапка уште од пред една година.
Поранешниот министер за земјоделство и градоначалник на Липково, Садула Дураку, се дознава дека се уште не го исчистил досието за извештајот на Државниот ревизор, каде било констатирано дека за време на неговото раководење со Министерството за земјоделство, фалеле милиони евра. Дураку исто така е спомнат и во судските рочишта за случајот „Куманово“. Се шпекулира дека тој со наредба од Али Ахмети е испратен за преговори со „Кумановската група“, за дознавање на нивните мотиви.