Дали и кој производител на храна е можниот причинител на труењето со опасната бактерија листерија, од која за еден месец починаа четири лица, меѓу кои и едно бебе, а вкупно седум заболеа, најверојатно ќе се знае денеска, кога се очекува да бидат познати првите резултати од анализите на повеќе од 150 мостри месо, месни преработки, млеко за бебиња и млечни производи, пишува Дневник .
По веста за последното труење со оваа бактерија, која до минатата година не била откриена на нашите простори, во јавноста се отворија многу прашања – дали ако се докаже виновникот, тој ќе одговара за предизвикување тешки последици за здравјето на луѓето и смрт, дали ќе се заострат мерките на контрола на храната и во продавниците и на пазарите, дали ќе се зголемат казните кон прекршителите на законот и други?
Ако не знаеле – нема да има никаква казна
Во Агенцијата за храна велат дека казна од 8.000 евра може да добие правното лице, а 2.500 евра одговорното лице ако се случи да знаеле дека храната е затруена, а ја пуштиле во промет. Ако не знаеле – нема да има никаква казна.
– Ако се утврди дека кај некој од операторите со храна има присуство на бактерија листерија и операторот презел мерки за отстранување и уништување на храната и не ја пуштил во промет, нема казни – велат во Агенцијата за храна.
Може да има повеќе кривични дела
Правниците сметаат дека бидејќи во случајот со седумте затруени со листерија има и смртни случаи како последица од труењето со бактеријата, виновникот секако би требало и кривично да одговара.
На прашањето дали обвинителството ќе покрене обвинение ако се докаже дека некој производител на прехранбени производи е виновен за труењето, односно дека знаел, а не преземал мерки и пуштил во промет небезбедни артикли што биле загадени со оваа бактерија, јавната обвинителка Гордана Гешковска за „Дневник“ изјави:
– Многу работи треба да бидат исполнети за да лоцираме која квалификација може да се даде, зашто тука може да има повеќе кривични дела од таа област – од загрозување на здравјето на луѓето, до предизвикување тешки последици за здравјето и смртен исход. Потоа треба да се види кое обвинение би одговарало ако претходно се лоцира одговорноста. Ако има и судска постапка, оштетените имаат право да бараат отштета. По правило, ако судот со пресуда некого прогласи за виновен, ги упатува оштетените на граѓанска парница.