Со полагање цвеќе на гробот на Јованка Броз во Куќата на цвеќето, нејзината сестра Нада Будисављевиќ и Жарко Јокановиќ, автор на нејзината биографија, одбележаа шест месеци од смртта на првата дама на некогашна Југославија.
Тивко, во солзи, нејзината сестра Нада положи цвеќе на гробот на својата сестра, јавуваат српските медиуми.
„Нема да правиме помен. Ќе положиме само цвеќе. Не сме во можност да направиме нешто повеќе, поради здравствените проблеми на другата сестра“, изјавила Нада Будисављевиќ.
Другата сестра на Јованка, Зора (80), неодамна доживеала мозочен удар, а неколку дена подоцна нејзиниот сопруг доживеал инфаркт, па нивниот син Горан и сестрата Нада сега главно се грижат за нив.
Во Куќата на цвеќето, во моментот на полагање на цвеќето денеска се затекнале бројни странски туристи, но освен сестрата на Јованка и Жарко Јокановиќ, никој друг не дошол да одбележи шест месеци од смртта на Јованка.
Јованка Броз почина на 20. октомври 2013. во Белград, во 89. година од животот.