Властите во Анкара ги забранија протестите и јавните собири во текот на следните 30 дена, додека во турскиот Парламент се одвива расправата за уставните промени, јави ДПА.
-Причина за забраната е предупредувањето од разузнавачките служби за планирање терористички напади на ваквите собири, изјави локален претставник.
Турскиот Парламент вчера ја почна расправата за уставните реформи, што предвидуваат воведување извршна претседателска власт.
Проектот треба да добие поддршка од најмалку 330 од вкупно 550 пратеници за да може да биде предложен за гласање на референдум.