Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека Македонија ги информирала САД дека стои на располагање да помогне за да се спасат животите на цивилно население од Авганистан.
-Авганистан се соочува со можна хуманитарна катастрофа и затоа ние како Влада, ги информиравме нашите стратешки партнери САД дека стоиме на располагање да помогнеме согласно нашите капацитети и потребите. Со цел да се спасат животите на локалното население, информиравме дека спремни сме да преземеме и прифатиме цивилно население од Авганистан кое изминативе 20 години работеше на мирот во таа земја, беше локална поддршка на сојузничките НАТО сили вклучително и на нашата армија, како и преземање и прифаќање активисти од демократските хуманитарни организации и од организациите за човекови права во Авганистан, се посочува во изјавата на Заев за МИА.
Како што потенцира тој, државата е подготвена да обезбеди сместување во хотели и одморалишта, а оперативата и трошоците за време на нивниот престој до обезбедување трајна дестинација, целосно би биле покриени од страна на САД.
-Ние сме солидарна земја, нашиот народ и нашето општество секогаш давале поддршка и помош, исто како што сме добивале помош при огромни катастрофи. Заеднички со САД ќе ги планираме идните чекори за натамошното постапување, посочува премиерот Заев.
Во Авганистан, во овој момент има и стотина македонски граѓани со кои е воспоставена комуникација. Тие, како што потенцира Заев, се чувствуваат безбедно, а компаниите за кои работат имаат обезбедено планови за евакуација.
-Исто така, пријателски земји изразија подготвеност при евентуални организирани летови за евакуација да бидат на располагање и за граѓаните на Република Македонија, нагласува Заев во изјавата за МИА.
Претходно, денеска поранешната државна секретарна на САД Медлин Олбрајт на „Твитер“ им се заблагодари на Албанија, Канада, Косово и Македонија што се согласиле да им дадат засолниште на жените и децата на лидерите на цивилното општество.