Еден час по гласањето во Собранието, премиерот Заев оцени дека се случил историски ден за Македонија и најави натамошни обиди за национално обединување и помирување
„Денеска Собранието следејќи ја волјата на граѓаните овозможи да зачекориме низ отворените порти на ЕУ и НАТО“, рече Заев. Патот кон ЕУ и НАТО тукушто започна, рече тој, најавувајќи дека следува период на напорна работа за имплементација на уставните измени, но и на реформите кои и се потребни на земјата.
Заев им се заблагодари на сите пратеници кои ги поддржаа уставните измени и, како што рече, „особено на храбрите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција кои го ставија интересот на државата над партиските интереси, и покрај големиот притисок од нивната партија“.
Осум пратеници од опозициската коалиција вечерва одлучија да им дадат поддршка на уставните измени: Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Елизабета Канческа Милевска, Владанка Авировиќ, Нола Исмаиловска, Зекир Рамчиловиќ и Емилија Александрова.
Премиерот рече дека им „ја гарантира сигурноста на пратениците и на нивните семејства“. На прес-конференцијата тој потврди дека имало и други пратеници кои сакале да ги поддржат измените, но одби да ги соопшти нивните имиња. Се надева дека во следните фази од уставните измени, и тие ќе се приклучат кон мнозинството.
Заев ги отфрли тврдењата дека бил вршен притисок врз пратениците од опозицијата да гласаат за измените. Фактот што повеќемина од нив се обвинети за различни кривични дела тој го релативизираше со став дека „никој не е виновен додека не се докаже вина“. Дополни и оти смета дека тие биле „охрабрени од пораката за помирување“ која ја испрати од Собранието неделава.
„Ги повикувам сите истражни органи да проверат дали имало било какви притисоци, но ќе гонам на суд до крај за овие валкани инсинуации и обвинувања“.
„Водевме транспарентен процес до крај, не брзавме, сакавме да има пријатна атмосфера.
Убеден сум дека уште пратеници од опозицијата ќе се приклучат.“
Заев уште еднаш го повтори повикот за помирување и простување, изразувајќи надеж дека може да се случи национално помирување во земјата. Тоа национално помирување, според него, треба да се случи во Собранието и низ парламентарните тела.