Координацијата за предложената рамка на медијаторот на ОН во спорот за името Метју Нимиц ќе се одржи в сабота попладне во Клубот на пратеници.
На средбата која е иницирана од МНР, како што потврдија за МИА, ќе присуствуваат претседателот Ѓорѓе Иванов и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски.
– Министерството за надворешни работи е иницијатор за одржување на координативен состанок, со цел да се информираат релевантните политички фактори во Република Македонија за предлогот на амбасадорот Метју Нимиц, кој произлезе од последната средба со македонскиот и грчкиот преговарач во Њујорк. Претседателот Иванов, како што претходно брифиравме, е подготвен да присуствува на ваква средба – велат од кабинетот на шефот на државата.
Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, на денешната прес-конференција најави дека наскоро ќе се одржи средба за рамката на Нимиц на која ќе бидат присутни повеќе политички лидери
Владата, посочи Бошњаковски, веќе го започна процесот на анализа и на координација околу најновата рамка на медијаторот и очекува да биде изграден широк национален консензус.