Ако сакаме да бидеме нормална и сериозна земја, а не некаква творба тогаш мора да се знае целата вистина за „Монструм“, „Диво Насеље“, за сообраќајката на Никола Младенов и за други случаи кои што се случувале во минатото, изјави премиерот Зоран Заев во интервју во емисијата „Патот кон“ на Алсат-М.
Заев рече дека мора да има меѓународен експерт кој независно ќе ја соопшти вистината за случувањата во кумановско „Диво Насеље“ од 9 и 10 мај 2015 година и дека меѓународната истрага за овој случај е дел од програмата на Владата.
– Притоа мора да имаме предвид дека судските процеси течат, ние не смееме да ја нарушиме назвисноста на судството. Меѓународната истрага може да биде разнолика, може да поканиме еден правник, експерт од меѓународната заедница, од Европската Унија кој што ќе го следи целиот процес – рече Заев.
Тој вели дека „сите видовме што се случува“ во Диво Насеље, но, оти има многу неодговорени прашања.
– Кој тоа им овозможил на овие луѓе да влезат во урбаното јадро во вториот по големина град во земјава и да бидат неколку дена таму. Како украденото оружје ( од караулата Гошинце) некој овозможил или не да биде преселено долу во градот. Дали постоеле пари, дали тие луѓе се излажани дека ќе дојдат ќе направат некоја драма и ќе заминат. Дали кога дошла полицијата ги направила сите постапки за апсење без притоа да има потреба од убиства? Како се убиени полицајците таму. Дали акцијата била огранизирана од органите како што треба? И тоа како многу прашања треба да бидат одговорени. За да не излезе Заев пристрасен, да не излезе дури и Али Ахмети пристрасен или било кој од претходната власта пристрасен мора да има меѓународен експерт кој што независно ќе ја соопшти вистината, судските процеси се судски процеси кои што треба да си течат – изјави Заев.