Во прашање се денови до завршување на истрагата на Јавното обвинителство за бегството на поранешниот пермиер Никола Груевски, но тврдам дека политиката немала замешано прсти. Ниту сакала, ниту можела, ниту, пак, требала да помогне и да овозможи таква работа. Тајни договори кои значат избегнување на правда немало и нема да има, порача денеска премиерот Зоран Заев.
-Додека не заврши истрагата предводена од Јавното обвинителство чесно е извршната власт да не се истрчува со претходни детали што може да бидат дел од предистражна или истражна постапка што ја водат истражните органи. Штом Јавното обвинителство ќе даде пас и тоа на било кој начин ќе го обелодени, ние ќе ги соопштиме сите детали од аспект на извршната власт, пред се, од Министерството за внатрешни рабти, рече Заев во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Министерството за финансии.
Ако постои одговорност некаде, нагласи, и тоа е потврдено со конкретни докази и аргументи одговорноста ќе се понесе почнувајќи од мене, министер, директори, сектори во МВР или било која друга државна институција од извршната власт.
-Тука нема дилеми. Уште еднаш потенцирам тајни договори кои значат избегнување на правда немало и нема да има, рече Заев.
Нагласи дека на Македонија и треба помирување за остварување на стратешките интереси – членството во НАТО и ЕУ и додаде дека верува оти е донесено квалитетно решение што го поздрави и Унијата.
-Пораката на помирување преку Законот за амнестија за она што се случи на 27 април е само почеток. Помирувањето ни треба по сите вертикали во Македонија. Кога се помиривме со светот, со нашите соседи, зарем не треба да се помириме и дома. Премногу ни се големи поделбите, затоа прво мораме да ја вратиме човечката доверба еден во друг, да си простиме, да подадеме рака и да тргнеме со помирувањето. Верувам дека тоа ќе даде позитивен резултат за иднината на нашата земја. Во тој дел останува пораката на казнивост и понесување одговорност. Направивме јасна дистинкција што е учество во насилство и физичко насилство, организатори и осмислувачи на настаните и при тоа ја отстранивме можноста за омраза и реваншизам, рече Заев.
Како следни чекори ги посочи помирувањето меѓу навивачките групи, на локално ниво, помеѓу младинските ограноци на политичките партии,….
-Секој во својот сегмент на одговорност ќе носи одлука. Политиката преку Владата и Парламентот, судството преку судовите и Јавното обвинителство. Немаме некое решение кое е донесено што ќе значи застарување на казни или слично. Ниту едно од законските решенија кои се досега донесени, ниту, пак, од оние што ќе бидат донесени нема да влијаат на процесите на Специјалното јавно обвинителство или на државното Јавно обвинителство. Тие продолжуваат. Внимателно ги поставуваме процесите за да нема мешање во правосудниот систем, а сепак политиката да ги носи своите одлуки. Тоа го правиме за да успее Македонија, да се помири, но и да биде следна членка на НАТО и да обезбеди таен мир, стабилност и сигурност, потенцира Заев.