Заев: Новата влада заснована врз три клучни темели


Најавувам дека ќе предводам реформска влада во Македонија, истакна мандатарот Зоран Заев во образложението на предлог-програмата и предлог-составот на новата влада, која е единствена точка на дневниот ред на втората седница на Собранието на Република Македонија.

Наши три клучни темели, потенцираше, ќе бидат посветеност на економијата и живот на сите, на силни професионални институции и правда за сите и на Европската унија и НАТО и перспективи за сите.

Истакнувајќи дека ќе работат чесно и посветено исклучиво за потребите на граѓаните на Македонија, мандатарот Заев рече дека Македонија ќе биде држава на сите граѓани и оти ќе се гради обединето општество кое ќе обезбеди стабилност.

– Наша цел е почеток на преговори со ЕУ и членство во НАТО во најкраток рок, рече Заев.

Во фокусот на владата, како што наведе, ќе биде развојот на економијата и стандардот на граѓаните, при што најавува просечна стапка на раст од пет проценти, зголемување на минималната плата на 16.000 денари и до 30.000 на просечната плата.

Дел од мерките во програмата се поддршка на домашните претпријатија пред се малите и средните, активни мерки за вработување преку кои годишно би се вработиле по 16 илјади лица во приватниот сектор, како и промени во даноците и социјалните трансфери.

Освен економски развој, според Заев, најсериозна ќе биде и реформата во правосудството, а Македонија ќе биде правна држава за сите.

Во новата влада, според предлогот-составот што го достави во Собранието во неделата мандатарот Заев, министри ќе имаат СДСМ, ДУИ и Алијанса на Албанците, кои имаат мнозинство од 62 пратеници во 120-членото Собрание.

Во Предлог-програмата на новата влада, доставена до Собранието, се наведува дека парламентарното мнозинство е силно посветено на зацврстување на унитарноста, суверенитетот и стабилноста на Република Македонија и оти ја декларира својата силна политичка волја за формирање реформска влада која ќе се фокусира на заедничките стратешки приоритети на земјата, членство во НАТО и Европската унија и ќе обезбеди брзо и одржливо надминување на политичката криза преку обезбедување реална поделба на власта, функционирање на правната држава и градење силни и професионални институции.

– Политичките приоритети на владата ќе се потпрат врз препораките од Извештајот на Прибе, како и итните приоритети дефинирани од Европската унија. Парламентарното мнозинство ќе биде посветено на изградбата на добри меѓуетнички односи врз принципите на меѓусебно почитување и толеранција и спроведување на Охридскиот рамковен договор, се наведува во Предлог-програмата.

Ваквата реформска агенда, како што се посочува, ќе ги овозможи заедничките цели кои ги споделуваат граѓаните на Република Македонија: подобар живот на сите граѓани, развој на економијата, враќање на демократијата, владеење на правото и на правдата, еднаквост на граѓаните, ефикасни институции, квалитетно образование и здравство, како и подобрување на меѓународниот углед и позиција на Република Македонија.

Според Деловникот за работа на Собранието, по обраќањето на Заев пред пратениците, ќе следи претрес, кој ќе продолжи по едночаовната пауза. Редоследот на говорите на пратениците и седењето во собраниската сала беше договорен на вчерашната координативна средба кај претседателот на Собранието Талат Џафери. На оваа средба не присуствуваше претставник од ВМРО-ДПМНЕ.

Пред усвојувањето на предложениот дневен ред, претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека до почеток на исполнување на, како што наведе, она што е коалициски договор на мнозинството, ќе продолжи да ја води седницата на македонски јазик. Со тоа, потенцира, укажувајќи и докажувајќи уште еднаш дека сите сме подготвени за ниво на толеранција која треба да ја рефлектираме сите ние во нашите односи и понатаму да создаваме демократски можности по демократски пат да се остварат сите очекувања од граѓаните.

На почетокот на седницата со 58 гласа „за“, 41 „против“ и еден „воздржан“ не беше усвоен предлогот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски следната точка по изборот на владата по скратена постапка да биде Предлог закон за изменување и дополнувања на Изборниот законик, со кои се бара распишување на локалните избори на 15 октомври годинава.

На седницата беше констатирана оставката на пратеникот Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, врз основа на што ДИК ќе го извести Собранието за кандидатот на кој од листата ќе треба да му се верифицира мандатот.

Според пратеникот Антонио Милошовски од ВМРО-ДПМНЕ, Џафери уште на почетокот на седницата ги прекршил собранискиот Деловник и Законот за употреба на јазиците. Повтори дека ќе му се обраќаат како на пратеник, а не како на претседател на Собранието, на која функција сметаат дека е поставен нелегитимно.

Во одговор на Милошоски, Џафери рече дека е избран од мнозинството, но и оти доколку пратениците од ВМРО-ДПМНЕ му се обраќаат како на пратеник и тој ќе има право да ја искористи деловничката можност да си го користи јазикот.

Владата треба да биде избрана два дена по отпочнувањето на седницата односно најдоцна до среда на полноќ. За таа да биде избрана потребно е да гласаат најмалку 61 пратеник.

Радмила Шекеринска е предложена за министер за одбрана, Оливер Спасовски – за внатрешни работи, Драган Тевдовски – за финансии, Никола Димитров – за надворешни работи, Рената Тренеска Десковска – за образование и наука, Горан Сугаревски – за транспорт и врски, Љупчо Николовски – за земјоделство, Мила Царовска – за труд и социјална политика, Дамјан Манчевски – за информатичко општество и администрација, Роберт Алаѓозовски – за култура. Кочо Анѓушев е предложен за министер без ресор и ќе биде вицепремиер за економски прашања. За министри без ресор се предложени и Едмонд Адеми, Роберт Поповски, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Зоран Шапуриќ и Зорица Апостоловска.

Министри без ресор предложени од ДУИ ќе бидат Хазби Лика, Бујар Османи, кој ќе биде вицепремиер за евроинтеграции, и Рамиз Мерко. Садула Дураку е предложен за министер за животна средина и просторно планирање, Крешник Бектеши за министер за економија и Билен Саљији за министер за правда.

За министер за локална самоуправа е предложен Сухејл Фазлиу, додека за министер за здравство Арбен Таравари. Фазлиу и Таравари се предлози на Алијансата за Албанците

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1