Заев: Оптимист сум дека е можен национален консензус за прашањето за името


Јас сум оптимист дека е можно да се најде национален консензус по ова важно прашање, изјави премиерот Зоран Заев по петчасовниот координативен состанок на државно-политичкиот врв на кој беа разгледувани предлозите на медијаторот Метју Нимиц за решавање на спорот за името.

– имавме информативна средба на политичките претставници на која беа презентирани и дискутирани предложените идеи од медијаторот Метју Нимиц после што разменивме информации и мислења за разговорите меѓу мене и грчкиот премиер Алексис Ципрас. Овој процес бара инклузивност, посветеност и политичка одговорност со цел градење на национален консензус во Република Македонија. За тоа е потребна политичка волја и храброст од наша страна, но решение е можно доколку таква политичка волја постои и на грчката страна. Конечна цел, наша, заедничка е да се најде решение за да може Македонија да биде членка на НАТО и да отпочне преговори со Европската Унија – рече Заев по средбата.

Прашан дали ќе има нови средби, премиерот изјави „секако дека ќе има“ и оти се надева дека сите ќе опстојат на ваквите средби со што нашата позиција во процесот, како што рече, би била поунисона и подобра во функција на конечно решение на овој долгогодишен проблем.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека на средбата бил презентиран предлогот на Нимиц, кој, како што додаде, помалку или повеќе и е познат на јавноста во Македонија и дека од овој момент „целокупната одговорност е сега на Владата како ќе го води процесот“.

– ВМРО-ДПМНЕ е силен поддржувач и останува на опцијата дека Македонија мора да биде дел од НАТО и од Европската Унија и ВМРО-ДПМНЕ останува на браникот на државните и национални интереси на Македонија – рече Мицкоски, кој додаде дека ваква средба требала да се случи порано.

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов изјави дека не може да открие повеќе детали за што точно се зборувало, но рече дека е реалист со искуство.

– Очекувам Владата да нè информира за сите активности. Овој процес продолжува да се одвива во рамки на Обединетите нации. За да нема притисоци се договоривме да не коментираме за предлогот“, рече Иванов.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по средбата рече дека ова бил еден од најплодните состаноци за ова прашање.

– Го ценам дијалогот за потрага по решение. Ова е почетокот на крајот на еден процес за Македонија. Важно е да бидеме дел од НАТО во мир и стабилност – рече Ахмети.
Категории: Главна секција

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1