Заев: Планираме да го намалиме бројот на предмети во училиштата


Еден од приоритетите на оваа Влада е создавање одржлив образовен систем во Република Македонија. Знаеме дека ако како држава се посветиме на создавање стручни и образовани кадри, од мали нозе, тие ќе можат да си го најдат своето место на пазарот на трудот. Ова го истакна претседателот на Владата, Зоран Заев во рамки на Конференција за квалитетно образование за раст, резултати и подобра иднина, во организација на УНИЦЕФ, која се одржа во хотелот Александар Палас.„Следната година ќе почне опремувањето на основните и средните училишта со современи лаборатории, што ќе придонесе во практичната настава и зголемување на интересот на учениците за наставните содржини. Исто така, планираме да го намалиме бројот на предмети во училиштата. Учениците да можат да ги стекнуваат знаењата главно на училиште, за да имаат повеќе слободно време дома. Така ќе ги ослободиме од психолошките притисоци на обврска за постојано механичко седење над книгите, што знаеме дека не дава резултати. Се фокусираме кон квалитетно средно стручно образование, повеќе пракса, за подобри основи на знаењето.

Не сите ученици сакаат да продолжат со високо образование. Во високото образование, размислуваме да има и пократки студиски програми, од 3 години. Бидејќи се важни афинитетите на децата, ќе воведеме и механизми со кои ќе можеме да ги насочуваме децата кон она што го можат. Така може да развиваме талентирани генерации, од коишто ќе добиеме квалитетна високообразована научна сила, како и стручна работна сила.“, рече Заев.
Доададе дека Владата, преку Министерството за образование веќе почна со ревизија на наставните планови и програми, а започнати се и процеси на ревизија на учебниците, како и на менување на законите што се однесуваат на образованието.
„Во овој период нашата држава учествува во меѓународните студии ПИСА 2018 и ТИМСС 2019.

Во нив се користат тестови преку коишто учениците треба да покажат што знаат, но и за практичната применливост и разбирањето на нивните знаења. Така ќе ги утврдиме и факторите поврзани со постигнувањата на учениците и ќе ги нотираме конкретните фактори што донеле до послаби резултати. Во таа насока веќе ја зголемивме сумата во буџетот за 2018 година, за учество и подготовка за овие меѓународни студии“, истакна Заев.
Посочи дека со буџетот за 2018 година, обезбедени се дополнителни средства, со што ќе се реализира најавеното зголемување на платите во висина од 5 проценти во основните и средните училишта, а предвидени се и нови вработувања според реалните потреби.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1